Борисов пуштен од притвор – пред новинарите се жалеше за „враќање на комунизмот“ во Бугарија


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Бившиот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, вечерва е ослободен откако му истече 24-часовниот притвор, јавуваат бугарските медиуми.

„Брутално, гадно, не вратија во комунизмот. Во ќелиите седиме 24 часа, ниту еден полицаец. Исто како 1944 година. Загрижен сум дека следниот пат може да ме убијат“, изјави Борисов.

Неговиот адвокат Менко Менков оцени дека станува збор за „тешка политичка репресија и апсолутно незаконски дејствија“, односно дека полицијата направила голем број прекршоци.

Севдалина Арнаудова, поранешната шефица на владината прес-служба, за време на Борисов, рече дека никој не ги испрашувал, како што пренесува БГНЕС.

„Никој не вршеше распит со нас, влезе многу полиција – три патроли, истражна полиција, се се случуваше пред моето дете, без објаснување, траеше до 3 часот навечер. Полицијата се однесуваше нормално. Немаме обвиненија, бевме држени 24 часа без обвиненија и без да дојде истражен орган“, рече Арнаудова.

Според неа, премиерот Кирил Петков си дозволил во сведочењето да го вклучи и името на европската обвинителка Лаура Ковеши.

Од притвор е пуштен и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, кој исто така изјави дека нема обвиненија.

Претходно денеска, стана јасно дека МВР не побарало трајно апсење на Борисов, а неговиот адвокат Менко Менков изјави дека не се преземаат никакви активности, јави БГНЕС.

Од МВР додаваат дека нивната операција била спроведена со целосно почитување на законот и лицата против кои се преземени процесни и истражни дејствија. Во текот на полициската акција извршени се претреси и заплени на три адреси.

Вчерашното апсење на експремиерот и на двајца негови соработници денеска предизвика протести пред владата во Софија. Локалните медиуми забележаа дека ова е прв протест на партијата откако е во опозиција.