Болниците во неколку македонски града преполни со пациенти со Ковид-19


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Болниците во Тетово, во Гостивар, во Струга и во Кичево сè уште се преполни со пациенти со Ковид-19. И вчера таму беа забележани повеќе нови случаи во однос на другите градови. Но и повеќе починати. Од новозаразените 1.082, од Тетово се 87, од Гостивар – 72, Кичево – 57, а во Скопје – 406. Од 27-те починати, шест се од Тетово, пет од Гостивар, три од Кичево. Тројцата починати од Кичево се на возраст 48, 46 и 45 години, пренесува Мкд.мк.

Одговорните за здравство смируваат. Тие сметаат дека во полошкиот регион веќе е достигнат пикот и сега ситуацијата ќе почне да се смирува.

Заменикот-министер за здравство Илир Хасани деновиве учествува на сите состаноци кои ги има кризниот штаб за Општина Тетово, а на средба со новинарите истакна дека нови дополнителни мерки за градот и регионот не се потребни, сметајќи ги како контрапродуктивни.

Премиерот Зоран Заев вчера рече дека засега не се разговара за специјални карантини или за посебни ограничувања поради актуелната епидемиолошка состојба во земјава.

„Се надеваме дека бројките кои во последните неколку дена се стабилизираа, ќе почнат да паѓаат, особено ако се придржуваме до мерките и ако внимаваме“, истакна Заев.

Во однос на зголемениот број ковид-случаи, посебно во Тетово и Гостивар, Заев рече дека главно се работи за граѓани со хронични болести.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави сè уште трае координацијата со директорите на болниците во Тетово, во Гостивар, во Струга и во Кичево, со цел на секој пациент на кој му е потребна хоспитализација со транспорт да се донесе во Скопје, каде што сè уште има места во болницата во Козле, каде ротира тим на лекари специјалисти инфектолози и пулмолози.

„Спремни се други дополнителни капацитети, меѓутоа, засега освен оваа болница во ниту една друга нема да се прави ковид центар како што беше тоа во претходниот бран“, изјави Филипче.

Според него, охрабруваат новите бројки на дијагностицирани во смисла на тоа дека опаѓаат, но премногу е рано да се каже дека ова е некаков тренд. Затоа будно ја следиме ситуацијата и ги следиме сите параметри, рече Филипче, повторно повикувајќи на масовна вакцинација, која, како што рече, треба да стави крај на пандемијата.

„Сите пандемии и епидемии, историски гледано наназад во светот завршиле исклучиво со вакцинација, а не со прележување на болеста и сега кога имаме инструмент и механизам на располагање и кога е докажано ефикасен и ефективен, што се докажува со релативно помал број пациенти во градовите во кои е поголем опфатот на вакцинација“, истакна министерот за здравство, кој ги повика родителите на децата да се вакцинираат пред почетокот на учебната година.

Тој рече дека се разгледуваат и некои светски искуства за тоа што се прави во училиштата во однос на брзи тестови кај децата.

„Она што е карактеристично и интересно е тоа што во последниот период значајно расте интересот за вакцинација на помладите граѓани, особено од 18 до 40 години и сега таа бројка изнесува 170 илјади вакцинирани граѓани, што според анализите е 26 проценти од вкупно население во тие возрасни групи“, рече министерот Филипче.

Ваквата епидемиолошка слика, ја отвори дебатата дали децата треба да почнат настава со физичко присуство. Вчера дел од родителите бараа од министерката за образование и наука Мила Царовска да дозволи децата да следат онлајн настава, без да покажуваат лекарски извештаи како доказ дека имаат хронично болни во семејството. И градот Тетово побара во првите три недели учениците да следат онлајн настава, имајќи ја предвид лошата епидемиолошка состојба во овој град.

Засега МОН останува на ставот дека учебната година треба да почне со физичко присуство и оти училиштата за тоа се подготвени.

Освен онлај наставата, мерките на Владата, влез во многу места само на вакцинирани лица најмалку со една доза, сè уште ја брануваат јавноста.

Вчера бизнис секторот се пожали дека со новите ковид мерки, трговските центри се речиси празни, а посетеноста е намалена за 60 отсто во споредба со минатиот месец.