Бајден издаде наредба на пазарот да се пуштат 50 милиони барели од стратегиските нафтени резерви


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Претседателот на САД, Џо Бајден, нареди од стратегиските резерви на пазарот да се пуштат 50 милиони барели нафта, во обид да влијае на намалување на цените на енергенсите.

Акцијата е насочена на глобалниот пазар на енергенси, но подеднакво и на домашните гласачи кои се соочуваат со значително зголемена инфлација и поскапувања на сите енергенси пред Денот на благодарноста и претстојните празници.

Цената на бензинот во САД е зголемена на 3,40 долари за галон, што е зголемување поголемо од 50 отсто во однос на ноември минатата година, пренесе Асошиејтед прес.

Нафтата од резервите на пазарот ќе биде за околу еден месец, но експертите укажуваат дека е малку веројатно дека тоа ќе предизвика намалување на цените на бензинот пред масовните патувања за божиќните и новогодишните празници.

Во очекување на одлуката на американската влада цените на нафтата на берзите претходните неколку дена незначително се намалија, но денес, наместо очекуваното понатамошно паѓање, цената се зголеми за речиси два отсто.

„Проблемот е што сите на пазарот на нафта знаат дека тоа е само привремена мерка. Кога тоа ќе се потроши се враќаме на старо, доколку побарувачката продолжи да биде поголема од понудата, како што е сега“, кажа потпретседателот на Ристад енерџи Клаудио Галимберти.

Акцијата на американската влада ја поддржа Индија, која соопшти дека од резервите ќе изнесе на пазарот пет милиони барели нафта. Британија од своите резерви ќе ослободи милион и пол барели, а со сè уште непрецизирани количества ќе им се придружат Јапонија и Јужна Кореја.

Тоа, меѓутоа, би можело да предизвика противреакција на нафташите од Персискиот Залив, пред сè на Саудиска Арабија, но и на Русија, кои јасно дадоа до знаење дека ќе ги контролираат количествата кои се изнесуваат на пазарот за да се одржат сегашните високи цени на нафтата.

Републиканците жестоко ја критикуваат администрацијата на Бајден поради тоа што во октомври е забележана најголемата инфлација во последните 30 години. Потрошувачките цени минатиот месец на годишно ниво пораснаа за 6,2 отсто, што е најголемата инфлација од 1990 година.