Бабин заб – тивкиот убавец на Баба Планина


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Највисоките врвови на секоја планина, незавнисно од нејзината висина, секогаш се најпривлечните и најафирмираните места кога станува збор за прва посета на некој планинси масив. И со право, барем за оние кои со едно посетување на некој природен планински убавец ја задоволуваат својата потреба и желба за истиот. Според некои непишани правила, не би било логично, на пример, човек да се качи на Бегово поле, а да не се искачи на врвот Солунска глава на Јакупица и многу други такви слични примери. Несомнено, и двете места зрачат и пленат со уникатна и оригинална убавина.

Но, кога веќе некој решил само еднаш да се качи на некоја планина, логиката претпочита изборот недвојбено да биде секогаш највисоката точка. Некои искрени и посветени планинари нема безусловно да се согласат со оваа теза (иронично, но и ние се вбројуваме во тие ’некои’), сепак, повеќето луѓе (секој со различен пристап, сфаќање и однос кон планините) ќе се одлучат за овој релативно конвенционален избор секогаш првин ’највисокото’. И нема никаков грев и грешка во тоа. Како и да е, не треба да се заборави дека планините својата убавина ја кријат во секој еден квадратен милиметар. И така е, воопшто, со сите природни убавини.

Меѓутоа, постои еден релативно објективен факт дека кога човек ќе застане на највисокиот врв од една планина, оттаму, тој ја пие со поглед, ја доживува и визуелно ја искусува пејзажната претстава која се нуди од самото место. Самиот врв се искусува емоционално, физички, психолошки, духовно… Се нема конкретна реална претстава за неговата импресивна појава, импозантна форма и други физички обележја кои го карактеризираат и го прават уникатен. Меѓутоа, кога човек ќе сака со поглед да ја доживее грандиозноста, вгордеаната издигнатост и корпулентност на највисокиот дел од било која планина, безусловно, тоа може да го направи само ако си дозволи визуелна прегратка со истиот од некое пониско место кое најубаво го отсликува оправдано ’суетниот’ став на врвот.

Поглед на Бабин заб, фотографија преземена од интернет, автор – Александар Смоквоски

Таков е случајот со премолчениот убавец на Баба Планина – врвот Бабин заб. Се вбројува во еден од помаркантните и позабележителни врвови на оваа македонска планина. Иако во таа потесна група по висина е во последните (со 1.850 м.н.в. наспроти ’џиновите’ на Баба, Пелистер – 2.601 м.н.в. Муза – 2.351 м.н.в. Бојаџиев врв – 2.334 м.н.в. и останатите), Бабин заб плени од неколку аспекти. Теренската уникатност при искачувањето која изобилува со природна раскошност и неповторливот поглед кој се отвора кон поголем дел од масивот Баба со нејзиниот главен врв Пелистер се двата клучни поради кои вреди да се посети овој ’скромен’ планински заб.

Се тргнува од Битола накај Брусничка населба, оттаму по асфалт до село Брусник. Од селото се тргнува по прилично обрасната патека која, за некое чудo, делумно е маркирана на одредени места. Првиот дел од патот е најубав, кога се качувате нагоре, по Брусничка река, низ букова шума. На околу 30 минути над селото ја има една од најитересните чешми која може да се сретне. Водата извира од под една голема карпа, и со тек на време има прокопано доволно колку да се влезе под карпата. Некој ја средил малку да личи на чешма.


После околу еден саат одење се прогледува Бабин заб.

Тука некаде почнува транзицијата во зимзелено и еден од поинтересните пејсажи, лево над реката има камењар, право една ливада со чешма. Оттука се почнува со искачување на стрмниот дел, по “самоодржлива” патека. Со топењето на снегот водата се слива по неа и иако не е користена често сепак е во добра состојба. После 15 минути се стигнува до еден рамен дел под самиот врв, убаво место за одмор пред последното искачување.

Тука се отвора поглед на Пелистер, а од другата страна е врвот. Може да се качи директно за околу 30 минути или да се оди по патеката која заобиколува од север, поминувајќи низ букова шума. Директниот приод е движење низ треви и папрати.
Величенствен поглед кон гордиот Пелистер
Бабин заб е од другата стрна

Од врвот се отвора поглед на поголем дел од масивот Баба со Пелистер, како и карпите кои ги викаат Сватови. Исто така, се отвораат Ветерница и Големо езеро.

Поглед на дел од масивот на Баба и Пелистер од Бабин заб – дијалог
“Сватови“

Доколку сте расположени за продолжение на собирањето импресии од Баба, од врвот Бабин заб се продолжува кон врвот Неолица и планинарскиот дом Неолица.

Се отвора поглед и кон врвовите Неолица, Скрково и Муза. Од Муза на запад е Преспа, на југ се дели срт до граница, на север до Орлови бари и Големо езеро. Еден од најголемите недостатоци на овој предел од прекрасната Баба е загаденоста, посебно во август, кога берачите на боровинки оставаат ѓубре кај секоја чешма.

Неолица, Скрково и Муза

Овој дел од Баба изобилува со убав спој на карпи и живописно зеленило, чија комбинација ве прави едновремено да се чувствувате возвишено од целата таа убавина, но и безвредно мали и ситни, во однос на грандиозноста на масивните камени предели и врвовите на Баба Планина.

Стрмни убавини

Јужната страна на Бабин заб
дијалог 2 – Човекот е мал…

На сликите подолу има дел од прекрасниот предел на Лавчанска река, патот од Брусник кон домот Неолица. Хидрографското богатство, високите шуми и флората се карактеристично обележје на целиот планински масив. Шумите пленуваат со својата големина која постојано тера да ја преиспитувате големината на човекот во однос на торжественоста и горделивата грандиозност на природата.



Убавините на Баба Планина изнудуваат воздишки со нивната импресивност и уникатност.



Фото: Крсте Ристевски и Благој Гегов
Текст: Благој Гегов