Апелација ја преиначи пресудата за сообраќајката кај Млечен ресторан во Скопје – две години казна за виновникот


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Апелацискиот суд во Скопје ја преиначил пресудата за сообраќајката кај „Млечниот ресторан“ во Скопје во октомври 2018 година и наместо условна казна одлучила виновникот да добие две години затвор и исто толку забрана за управување возило.

Ваквата информација синоќа во гостувањето на ТВ 24 ја објави министерот за правда Бојан Маричиќ и потенцира дека информацијата треба да се потврди и официјално.

„Денес дознав дека Апелацискиот суд донел одлука со која ја преиначи одлуката за случајот ’Сообраќајката кај Млечен ресторан‘ и дал 2 години ефективен затвор и две години забрана за управување со моторно возило. Не знам дали е точно, ќе потврдат, информацијата ја добив од луѓе што се информирани“, рече Маричиќ.

Во сообраќајката пред нешто повеќе од две години настрада млад брачен пар кој се возел на мотор по булеварот „Теодосиј Гологанов“ откако во нив удри автомобил. Загина младиот Гоце Димитриевски, а неговата сопруга, Наташа, го загуби плодот и заврши со тешки повреди.

За преиначување на пресудата преку социјалните мрежи се огласи и Наташа.

„Бескрајна благодарност до сите, правда за Гоце, правда за мене, правда за нас. Апелацискиот суд Скопје ја преиначи казната за сообраќајната незгода кај ‘Млечен’ и одлучил Васил да оди 2 години во затвор и 2 години да не управува ПМВ, затоа што ми го одзеде најмилото“, напиша Димитриевска.

Кога беше објавена првостепената, условна пресуда, случајот „Млечен“ ја возбуди домашната јавност. Причината беше што виновник за сообраќајна незгода со смртни последици не е осуден на казна затвор.