Кендис Камерон Буре ги спореди искуствата од „Танц со ѕвездите“ и „Специјални сили: Најтешкиот тест на светот“, објаснувајќи зошто танцувачкото натпреварување ѝ создавало поголем притисок.
Ѕвездата од серијата „Полна куќа“ истакна дека во „Специјални сили“ не се натпреварувала против другите учесници, туку минувала низ сопствен предизвик.
„Во ‘Специјални сили’ нема елиминации. Единствениот начин да си заминеш е да се откажеш или тие да те отстранат поради некоја причина — најчесто медицинска или ако проценат дека не си психички подготвен. Ако има некаков проблем, можат да те отстранат. Затоа притисокот беше поинаков, а за мене беше поголем во ‘Танц со ѕвездите’“, објасни таа.
Камерон Буре појасни дека не се плашела од публиката во танцувачкото шоу, туку од тоа што немала можност повторно да ја изведе кореографијата доколку згреши — немало втор обид. Актерката и нејзиниот партнер Марк Балас го освоија третото место во 18. сезона на „Танц со ѕвездите“ во 2014 година.
За завршницата на „Специјални сили“, таа претходно овој месец изјави дека не можела да поверува оти успешно го поминала тестот.
„Искрено, бев шокирана што поминав. Се сеќавам дека стоев таму, погледнав наоколу и видов дека сме останале Алексија, Колин и јас. Не можев да поверувам дека другите ги нема. Се обидував да го сфатам тоа додека ни зборуваа и речиси бев убедена дека другите се само одвоени од мене“, раскажа Камерон Буре.
„Сето тоа траеше 24 часа, па бевме толку ненаспани што не знаевме што се случува. Навистина мислев дека другите се одвоени и дека сè уште сме среде задачите за тој ден. Не знаев дека сме стигнале до конечниот избор. Кога сите нè прогласија за победници, бев пресреќна, но и многу збунета. Си велев: ‘Што се случува?’ Кога конечно сфатив, почувствував огромно олеснување: ‘Леле, заврши. Успеавме. Ова е неверојатно’. А беше прекрасно и што можев да го споделам тој момент со другите“, додаде таа.
Извор: US Weekly