Актерот Рендал Ингланд, кој играше во серијата „Општа болница“, почина на 75-годишна возраст по борба со рак на хранопроводот.
„Од сите негови улоги, најмногу му значеа онаа на татко и на ‘Папо’ за неговите внуци“, напиша семејството во некрологот објавен во средата, на 11 ноември.
Во некрологот се наведува дека пред да се прослави во Холивуд, Ингланд бил успешен играч на бејзбол и американски фудбал.
„Едно судбоносно патување во Њујорк му го смени животниот правец“, стои во објавата. Ингланд се занимавал со моделство и патувал низ светот, меѓу другото во Лондон, Цирих и Милано. Со текот на годините работел и на рекламни кампањи за цигарите „Вајсрој“, гумите „Данлоп“, пивото „Микелоб“ и „Плејстејшн“.
По успешна аудиција добил улога во Лос Анџелес и го пронашол местото што подоцна ќе стане негов дом. Се населил во Беверли Хилс, каде што живеел 40 години.
Во 1987 година се оженил со Џенифер Ли Херерас. Две години подоцна, во 1989 година, ја добиле ќерката Микаела Реј.
Во текот на кариерата остварил повеќе забележителни филмски улоги. Играл во „Беверли Хилс Чивава“, „Хелборн“, „Облакодер“, „Машина за соништа“ и „Шајнер“.
На телевизија се појавил и во сериите „Млади и немирни“ и „Чувари на плажата“. Публиката го препознава и по краткото појавување во спотот за песната „Шугар“ на „Марун 5“.
Извор: US Weekly