Групата „Кетсај“ го одложи концертот во Детроит само 30 минути пред закажаниот почеток, откако членката Меган Скиендиел се разболела.
„Многу ни е жал што мораме да ве известиме дека вечерашниот концерт во арената ‘Литл Сизарс’ е одложен поради болест. За жал, Меган не се чувствува добро и не може да настапи“, соопшти групата преку стори на Инстаграм во вторникот, на 3 ноември. Не беа наведени повеќе детали за нејзината здравствена состојба.
Ова се случува помалку од три месеци откако поп-групата од Лос Анџелес го откажа најавениот настап на фестивалот „Дејзи Чејн Филдс“ на Оливија Родриго, бидејќи 20-годишната Скиендиел го шина глуждот.
Фановите во вторникот вечерта го изразија своето разочарување на социјалните мрежи, а дел од нив реагираа и гневно. „‘Кетсај’ штотуку го откажаа концертот во Детроит, 30 минути пред почетокот! Навистина срамно“, напиша еден корисник на Икс, споделувајќи снимка од објавата на групата. „Ќерка ми е многу разочарана. Ги сакам назад 889-те долари што ги потрошив.“
Друг корисник напиша дека и самиот бил разочаран, но покажал разбирање за членките на групата. „И јас бев таму, веќе купив пијалак од 25 долари и храна за 12 долари и бев многу разочаран. Но, сочувствувам и со девојките. Имаат само од 18 до 22 години, ова е голем физички напор за нив“, напиша тој.
Истиот фан сподели и непотврдени тврдења за тоа што ѝ се случило на Скиендиел. „Се зборува дека Меган се онесвестила зад сцената пред концертот, што, ако е точно, навистина е нешто врз кое не може да се влијае“, додаде тој.
Последниве месеци групата се најде во медиумите и поради настани што не се поврзани со музиката. Во август, една од првичните членки, Софија Лафортеца, преку социјалните мрежи објави дека привремено се повлекува од групата.
„Навистина ми се крши срцето што морам да пропуштам толку многу. Знаете колку сакам да бидам на сцена, да настапувам и да ги споделувам овие моменти со вас“, напиша 23-годишната Лафортеца на стори на Инстаграм на 7 август.
На крајот од пораката им се заблагодари на фановите за поддршката. „Ви благодарам што сте толку трпеливи, полни со разбирање и што секогаш ми покажувате толку многу љубов. Тоа ми значи повеќе отколку што можам да кажам. Ветувам дека ќе направам сѐ што можам за да го надминам ова, целосно да закрепнам и да се вратам посилна“, напиша таа.
„Дотогаш, ве молам, продолжете да бидете добри и да им ја давате сета ваша љубов и поддршка на ‘Кетсај’, додека го исполнуваме ветувањето дека ќе бидеме тука за вас на секој можен начин. Во меѓувреме, ќе бидам тука со вас како една од ‘Ајконс’. Се гледаме наскоро“, додаде Лафортеца.
Во април, Us Weekly објави дека и Манон Банерман трајно ја напуштила групата, откако во февруари направила привремена пауза поради сопствени здравствени проблеми.
Извор: US Weekly