Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би ги напуштил Соединетите Американски Држави доколку граѓаните се заситат од него. Неговата изјава дојде во денот кога милиони Американци излегоа на гласање.
„Ако некогаш им здодеам на луѓето во САД, ќе се преселам во Израел и ќе станам премиер“, рече 80-годишниот Трамп во телефонско вклучување во емисија во вторникот, на 3 ноември.
Поддршката за работата на претседателот падна на 34 проценти. Позитивните оценки за него преовладуваат во само девет сојузни држави, меѓу кои Вајоминг, Северна Дакота и Арканзас.
Во истото интервју Трамп тврдеше и дека САД ќе престанат да испраќаат воена помош за Израел. Вашингтон годишно ѝ обезбедува на земјата воена помош од приближно четири милијарди долари.
„Израел ни е број еден. Ним им даваме повеќе отколку на кој било друг, а тоа веќе не им е потребно“, изјави Трамп. „Го правиме тоа со години. И јас го правев тоа. Но Израел е земја што многу напредува. Не им е потребно. Ако им беше потребно, ќе кажев да продолжиме.“
Трамп тврдеше дека со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху договорил САД да го прекинат финансирањето на израелската војска, вклучително и на противракетниот систем „Железна купола“. Според него, договорот бил постигнат „пред неколку месеци“, а исплатите ќе престанат на крајот од годината.
„Тие беа одличен партнер, но ние го запревме Иран“, рече Трамп, по што нагло ја смени темата. „Иран беше незапирлива сила. Жестоко ги удривме.“
Нетанјаху, кој има 77 години, засега јавно не ги коментирал тврдењата на американскиот претседател.
Интервјуто се одржа за време на важните избори за Конгресот, на средината од вториот претседателски мандат на Трамп. Во зависност од резултатите во неколку клучни сојузни држави, демократите би можеле повторно да ја преземат контролата и врз Сенатот и врз Претставничкиот дом.
Неколку часа пред затворањето на гласачките места на источниот брег, Трамп објави дека гледа „Фокс њуз“, но дека му пречи една од гостинките во програмата.
„Го гледам известувањето на ‘Фокс њуз’ пред изборните резултати, но не можам да го поднесам гласот на Џесика Тарлов — ГЛУПА КАКО КАМЕН, но гласот е тоа што ме вади од такт“, напиша тој во вторникот на својата социјална мрежа „Трут соушал“. „Морам да се префрлам на друг канал додека таа ГУБИТНИЧКА не се тргне од екранот — ќе се вратам подоцна!“
Извор: US Weekly