
Мегин Кели се соочи со остри критики поради изјавите за здравствената состојба на Кристина Еплгејт.
На почетокот на неделава, 54-годишната актерка од серијата „Саманта која?“ откри дека дијагнозата за мултиплекс склероза (МС) што ја добила била погрешна. Невролошката болест ѝ била дијагностицирана во 2021 година, а еден од главните симптоми со кои се соочува се силни болки. Актерката се расплака додека зборуваше дека сè уште не знае што ѝ е.
Што изјави Мегин Кели за Кристина Еплгејт?
По признанието на Кристина, 55-годишната Кели ја критикуваше добитничката на „Еми“ во изданието на својата емисија „Шоуто на Мегин Кели“, емитувано во вторникот, на 20 октомври.
„Луѓе, веќе не можам да следам што се случува“, рече Мегин. „Извинете, ама жената која изминативе неколку години во речиси секоја јавна изјава за здравјето зборуваше за својата МС, која води поткаст за МС, сега излегува и ни кажува дека всушност ја нема болеста. Сето ова било залудно трагање.“
Таа додаде: „Нема поим што навистина ѝ е, а јас мислам дека токму тоа е проблемот со познатите личности — сакаат да ги стават своите здравствени проблеми во преден план и да кажат: ‘Сега јас ќе бидам заштитното лице на МС’.“
„Сега плаче, претпоставувам, затоа што повеќе не може да биде заштитното лице на оваа болест“, продолжи Мегин. „И, како што самата вели, повторно е ‘на почеток’. Од зборувањето за својата МС направи цела мала индустрија.“

Џенис Дин остро ѝ одговори на Мегин Кели
Откако коментарите на Мегин се најдоа во медиумите, нејзината некогашна блиска пријателка Џенис Дин остро ја нападна конзервативната новинарка.
„Долго молчев за злобната Мегин Кели“, напиша Џенис на Икс. „Некогаш ми беше една од најблиските пријателки, а потоа престана да ми се јавува, откако го поддржа Ендрју Куомо за градоначалник и јас ѝ кажав дека ми го скрши срцето.“
Џенис, поранешна водителка на „Фокс њуз“, потоа откри дека со години се бори со мултиплекс склероза.
„Нејзините коментари за Кристина Еплгејт се одвратни. Живеам со МС повеќе од 20 години, а таа знае колку време им требаше на лекарите да ми постават дијагноза“, напиша Џенис. „Мислам дека Кристина е храбра што ја кажува вистината и благодарна сум ѝ што стана глас на толку многу од нас. Ќе имам уште многу да кажам за ова кога ќе се чувствувам доволно добро. Болна сум веќе неколку недели, постојано одам во болница и се враќам дома, но кога ќе закрепнам доволно, ќе кажам повеќе.“
Џенис подоцна додаде: „А, да. Ако не знаете, имам мултиплекс склероза и јас сум една од оние ‘губитници’ за кои зборува Мегин Кели — луѓе што сакаат да зборуваат за својата дијагноза за да им помогнат на другите.“

Извор: Just Jared