Леопардскиот дезен од сезона во сезона повторно се наметнува меѓу водечките модни трендови. Од впечатливи палта и елегантни здолништа до чанти и чевли што ѝ даваат посебен печат и на наједноставната комбинација, оваа шара повторно е еден од клучните елементи на есенската и зимската гардероба.
Ако досега се двоумевте дали да ја вклучите во својот стил, сега е вистински момент да ѝ дадете шанса.

Marc Piasecki/Getty Images for Miu Miu
Леопардската шара одамна не е избор само за жените што сакаат екстравагантен изглед. Современите кроеви, луксузните материјали и внимателното комбинирање овозможуваат таа да изгледа подеднакво впечатливо и преку ден и во вечерни пригоди.
Најважно е да се постигне рамнотежа меѓу изразениот дезен и едноставните парчиња облека, кои ќе му дозволат да дојде до израз.
Џенифер Лопез како инспирација за носење леопардски дезен
Џенифер Лопез уште еднаш покажува дека животинските дезени можат истовремено да изгледаат гламурозно, современо и ненаметливо.
Нејзиниот избор на палто со леопардска шара е пример како едно впечатливо парче може да биде основа на целиот изглед, без сложено комбинирање.

Larry Busacca/Getty Images
За дневна комбинација, палтото со леопардска шара одлично се вклопува со фармерки со рамен крој или благо проширени ногавици, едноставен џемпер и кожени чизми.
Со голема кожена чанта и очила за сонце ќе добиете осмислен изглед што воедно е доволно удобен за секојдневните обврски.

Kristy Sparow/Getty Images for The Business of Fashion
Ако сакате поелегантен изглед, одберете палто со рамен крој, модел со нагласени раменици или палто што се врзува во струкот. Во спој со црни панталони, ролка и чизми со потпетици, леопардскиот дезен добива софистициран изглед и станува одличен избор за вечера, деловен состанок или вечерно излегување.

Eamonn M. McCormack/Getty Images for Warner Bros.
Како да го комбинирате леопардскиот дезен за елегантен изглед?
1. Почнете со неутрални нијанси
Црната, бежовата, кремавата, чоколаднокафеавата и бојата на слонова коска природно се вклопуваат со леопардската шара. Тие ја ублажуваат нејзината впечатливост и создаваат складна целина. Здолниште со овој дезен, на пример, можете да носите со црн џемпер, високи чизми и палто во боја на камила. Така се добива класична комбинација што воопшто не изгледа здодевно.
2. Издвојте едно впечатливо парче
Ако дури сега почнувате да експериментирате со животински дезени, не мора веднаш целиот изглед да биде во иста шара. Чанта, салонки, ремен или марама со леопардски дезен се сосема доволни за да освежат едноставна комбинација. Бела кошула, добро скроени панталони и чевли со оваа шара покажуваат колку голема промена може да направи еден мал детаљ.
3. Комбинирајте различни текстури
Спојувањето различни материјали е еден од најинтересните начини леопардскиот дезен да добие луксузен изглед. Волната, кожата, велурот, свилата и кашмирот создаваат богат визуелен впечаток, дури и кога боите остануваат неутрални. Сатенско здолниште со леопардска шара, мек џемпер и високи чизми од велур се одлична комбинација за постудените денови, а кожена јакна врз едноставен фустан внесува урбан белег.
4. Не плашете се од боја
Неутралните тонови се сигурен избор, но леопардскиот дезен може да изгледа мошне впечатливо и со интензивни бои. Бордо, темноцрвената, смарагднозелената и кобалтносината ѝ даваат нова енергија на класичната шара. За почеток, пробајте црвен џемпер со леопардско здолниште или бордо чанта со палто со животински дезен. Остатокот од облеката нека биде доволно едноставен за боите и шарата да останат во преден план.
5. Внимавајте на кројот и пропорциите
Кај изразените дезени, кројот има особено важна улога. Широките панталони со леопардска шара комбинирајте ги со потесен горен дел или со струкирано сако. Лелеавото здолниште убаво се вклопува со едноставна ролка, а кошулата со леопардски дезен добива поелегантен изглед со панталони со висок струк. Со избалансирани пропорции, комбинацијата изгледа складно, наместо пренатрупано.
Здолниште, фустан или панталони со леопардски дезен — што да одберете?
За поромантичен и поженствен изглед, одличен избор е здолниште со миди-должина. Комбинирајте го со тенок џемпер, класично палто и чизми до колена. Ако повеќе сакате вечерни комбинации, фустанот со леопардска шара може да изгледа многу елегантно со едноставни црни сандали, ненаметлив накит и мала чанта со цврста форма.
За љубителките на урбаниот стил, добар избор се панталони со леопардски дезен, кои лесно се носат со бела маица, широко сако и мокасини. Оваа комбинација изгледа современо и опуштено, а со друга обувка и неколку внимателно избрани модни додатоци може да се приспособи и за вечерно излегување.
Детали што го заокружуваат изгледот
За софистициран изглед со леопардски дезен, важни се и завршните детали. Златниот накит убаво се надополнува со топлите тонови на шарата, додека црните кожени додатоци внесуваат поостар и посовремен израз. Чантите со јасно дефинирана форма, ремените со едноставни токи и обувките со чисти линии дополнително ја истакнуваат елеганцијата.
Обрнете внимание и на големината и контрастот на шарата. Поситниот дезен обично е подискретен, додека крупните леопардски шари оставаат посилен впечаток. Изборот зависи од тоа дали сакате дезенот да биде главниот елемент во комбинацијата или само суптилен акцент.
Леопардската шара може интересно да се спои и со пруги, но пожелно е двата дезена да имаат заедничка боја или да се разликуваат по интензитет.
Извор: Story.rs