Париз и овај октомври докажа дека модата не живее само на пистите – та чекори по улиците, се вози на електричен тротинет, пие кафе со бадемово млеко и носи Chanel чанта преку тренерки
Да, седмицата на мода во Париз заврши, како и целиот месец полн со спектакуларни моменти за модниот свет.
На пистите видовме историски сценарија: Џонатан Андерсон дебитираше во Dior, Пјерпаоло Пичоли внесе драма во Balenciaga, Глен Мартенс шокираше со Maison Margiela, а Матиу Блеази продолжи да го редефинира Chanel. Но вистинското чудо се случуваше надвор од павилјоните – на улиците на Париз, каде посетителите, моделите и модните инсајдери покажаа како изгледа модата кога престанува да глуми и почнува да дише.
НОВИ ПРАВИЛА НА ИГРА: „EFFORTLESS“ ВЕЌЕ НЕ Е СЛУЧАЕН
Оваа сезона сè се врти околу балансот: класика со доза хаос. Совршено скроени одела во комбинација со патики, винтиџ чанти покрај новите колекции, и аксесоари кои намерно бегаат од правилата. Париз остана свој – елегантен, но опуштен, шик без напор, со доза на „не се трудев многу, ама изгледам одлично“.
УЛИЦИТЕ КАКО ПИСТИ
Уличниот стил оваа година стана вистински манифест на слободата: модната генерација Gen Z прошета oversize фармерки, Adidas тренерки и bomber јакни, создавајќи микс кој изгледа случајно, но генијално. Инфлуенсерите, секако, избраа драматични палта и комбинации во интензивни бои, додека модните уредници се одлучија за минимализам, кожа и совршено избалансирани нијанси на беж и чоколадо.
НАСЛОВ ЗА НОВИОТ „CHIC“: УДОБНОСТ
Во Париз сега владее ставот: „да, можам да влезам во ресторан во балска тоалета и рамни чевли – и тоа ќе биде моден момент“. Фармерки префрлени преку рамото, џемпери заврзани околу половината и чанти кои личат како извадени од орманот на баба – сето тоа е дел од новиот, опуштен луксуз.
МОДАТА ВО ТРАНЗИЦИЈА, ПАРИЗ ВО СВОЈ ЕЛЕМЕНТ
Уличниот стил од оваа сезона покажа индустрија во промена – поинклузивна, попрактична, но и понатаму имагинарна, париска. Иако понекогаш изгледаше како сè да е моден експеримент, вистината е едноставна: Париз сè уште знае што е шик – само сега полесно дише.