Убавина и екрани: што всушност прави сината светлина на кожата
Да бидеме искрени – телефонот ни стана продолжение на раката.
Од првото утринско скролање додека сè уште лежиме во кревет, до последниот допир на екранот пред спиење, целиот ден ни минува пред дисплеј. Лаптоп, таблет, телевизор, мобилен… сите тие заедно не заситуваат со дигитална светлина многу повеќе отколку што некогаш било замислено дека човековото тело може да издржи. Додека се грижиме за очите, сонот и менталното здравје, нашата кожа – најголемиот орган на телото – тивко, но упорно, ги трпи последиците.
Сина светлина – тивок непријател на твојата кожа
Таа фамозна blue light (или HEV – High Energy Visible Light) не пече како сонце, но прави нешто многу подмолно – продира подлабоко во кожата и предизвикува оксидативен стрес. Резултатот? Непожелна пигментација, забрзано стареење и влошување на дамките што веќе ги имаш. Посебно се изложени девојките со потемен тен, бидејќи промените кај нив се појавуваат побрзо и поинтензивно.
Tech neck – брчките што ти ги создава телефонот
Го знаеш оној момент кога со часови се наведнуваш над телефонот? Е, твојот врат тоа си го памети. Се појавуваат ситни, но упорни брчки и линии, а со текот на времето стануваат подлабоки. Тоа е познатиот tech neck – брчки од новата генерација, за кои можеш слободно да ја обвиниш својата зависност од скролање.
Дигиталниот стрес и акните
Постојани нотификации, пораки, притисокот да бидеш „секогаш достапна“ – сето тоа го поттикнува стрес-хормонот (кортизол) во твоето тело. Резултат? Воспаленија, нарушен заштитен слој на кожата и – како што претпоставуваш – појава на акни.
3 нивоа на заштита од дигитална штета
1. СПФ за сина светлина – избирај креми што јасно го имаат наведено на етикетата: „Blue light protection“ или „HEV filter“. Минерали како цинк и титаниум-диоксид се твојата дигитална СПФ војска.
2. Антиоксиданси на дневна база – серумите со витамин Ц, ниацинамид или ферулинска киселина се твојот штит против пигментацијата и оксидативниот стрес.
3. Дигитален детокс – барем половина час дневно без екрани може да направи чуда за твојот тен (и умот).