Август не се брза – и не треба.
Ова е оној мрзлив, златен месец кога сонцето ја топли земјата токму колку што треба, ветерот мириса на морска сол, а деновите се развлекуваат како бавен филм. Во тој дух на опуштеност и тивок гламур, модниот стил станува едноставен, природен, но со доза шик што не мора да се труди да биде забележан.
Летниот аутфит во август личи на спомен фатен со полароид – непромислен, но совршен. Лежерни фустани што ја галат силуетата, ленени широки панталони што му даваат простор на движењето да дише, и лесни комплети во нијанси на прашак – тоа се парчињата што не бараат ништо повеќе од малку сонце и една плетена торба.
Боите се повлекуваат во втор план, а главната сцена им припаѓа на текстурите. Доминираат природни, воздушести и рачно изработени материјали што раскажуваат приказна за враќање кон едноставноста. Од утринското кафе на плоштадчето на некое медитеранско островче до вечерната прошетка покрај море со ветер во косата, стилот останува ист: ненаметлив, чист, но полн со карактер.
Кога станува збор за обувки – удобноста е клучна, но никогаш на сметка на стилот. Елегантен пар кожни папучи, еспадрили со врвки што се врзуваат околу глуждот или ретро кломпи за оние што сакаат да го подигнат својот изглед (и силуетата) – сѐ совршено го балансира функционалното со естетското.
А што е со модните додатоци? Август бара детали со душа – нараквица од школки, марама врзана како турбан, очила за сонце со став и обетки што звучат како шепот на бранови.
Погледнете ги модните комбинации на стилските ит-девојки и наполнете се со инспирација за летни денови што мирисаат на слобода.