ЗОШТО СЕ ЧУВСТВУВАМЕ ИСЦРПЕНО НА ЖЕШКО ВРЕМЕ И 3 ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ ЗА ВРАТУВАЊЕ НА ЕНЕРГИЈАТА
Штом температурите се искачат, летната еуфорија почнува да отстапува место на — замор.
Многу луѓе за време на топлотни бранови чувствуваат исцрпеност, слабеење на концентрацијата, па дури и целосна загуба на енергија. Иако летото е синоним за одмор, море и долги денови, реалноста често знае да биде сосема спротивна — нашето тело се мачи да ја одржи внатрешната температура стабилна, што дополнително нè измачува.
Како што објаснува д-р Сем Вотс од клиниката Мајнд Бади Медикал, кога ќе се зголеми телесната температура, организмот активира цел синџир на процеси за да нè олади — се зголемува циркулацијата кон кожата и се лачи пот. Но, сè тоа троши многу енергија, оставајќи помалку за ментална концентрација и физичка издржливост.
Дополнително, дехидрацијата, изгореници од сонце и тешкотиите при разладување на телото дополнително го оптоваруваат организмот.
Како да ја зачувате енергијата дури и кога асфалтот „гори“ под нозете?
1. ХИДРАТАЦИЈАТА Е ОСНОВА
Со потењето губиме течности, а и најмала дехидрација може да ја намали концентрацијата и да го зголеми чувството на слабост. Д-р Вотс советува да ја следите бојата на урината — ако е светла и без мирис, сте на добар пат. Исто така, не заборавајте на внесот на електролити — минерали кои им помагаат на нервите и мускулите правилно да функционираат. Спанаќот, јаткастите плодови, мешунките, кокосовата вода или специјални напитоци со електролити се одличен избор, особено доколку вежбате или сте изложени на сонце.
2. ЛЕСНА, ПАМЕТНА ИСХРАНА
Тешката и калорична храна го забавува варењето, дополнително го загрева телото и ја зголемува замореноста. Изборете се за освежувачки оброци — салати, овошје, јогурт или смути се многу полесни за организмот и помагаат да ја задржите енергијата.
3. АКТИВНО РАЗЛАДУВАЊЕ
Избегнувајте директно сонце во најтоплите часови, користете вентилатори, клима уред, туширајте се со млака вода и обидете се да го оладите просторот во кој престојувате. Колку помалку енергија троши телото за разладување, толку повеќе ви останува за секојдневни обврски и уживање.
На крајот, важно е да го препознаете обичниот замор од посериозни симптоми на сончаница или топлотен удар — како вртоглавица, отежнато дишење, конфузија или губење на свест, кои бараат итна медицинска интервенција.
Летниот замор не е знак на слабост — тоа е природна реакција на телото. Ако ги познавате сигналите на својот организам и навреме примените практични решенија, ќе можете да ја зачувате енергијата и да уживате во летото без последици.