Српската полиција го уапси таткото со чиј пиштол малолетникот ги изврши убиствата во Белград – со него заедно вежбале стрелање


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Српскиот министер за внатрешни работи, Братислав Гашиќ изјави дека покрај момчето кое денеска го изврши масакрот во училиштето во Врачар, уапсен е и неговиот татко.

Момчето, како што беше речено на вонредна прес-конференција, имало список со имињата на децата што планирал да ги ликвидира. На училиште дошол со оружје што му го зел на татко му.

„Таткото тврди дека пиштолите биле заклучени во сефот под шифра, но очигледно детето ја имало шифрата на тој сеф, покрај двата пиштола, пронајдени се уште три рамки полни со куршуми. Неофицијално, заедно со неговиот татко вежбале стрелање. Во секој случај мерките предвидени со закон ќе бидат преземени и против таткото“, изјави Гашиќ, мислејќи на таткото на ученикот.

Ученикот уби седум девојчиња, едно момче и припадник на училишното обезбедување.

Веселин Милиќ, началник на белградската полиција, изјави дека ученикот се јавил во полиција и рекол: „Јас сум Коста Кецмановиќ“ и пријавил дека застрелал неколку луѓе.

Владата на Србија донесе одлука да прогласи тридневна жалост поради трагичниот настан во ОУ „Владислав Рибникар“.

Да потсетиме, покрај деветте загинати, повредени се уште шест деца и еден наставник по историја. Три деца и една наставничка се во Клиничкиот центар на Србија (КЦС), додека уште тројца ученици во Универзитетската детска клиника во Тиршова.