Ердоган: Турција го прекинува дијалогот со Грција


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција ги прекинува преговорите со Грција, делумно поради спорот со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и она што Анкара го нарекува кршење на воздушниот простор.

Двете членки на НАТО минатата година, по петгодишна пауза, ги продолжија преговорите за решавањето на проблемите во Средоземното Море и други билатерални прашања.

Ердоган во парламентот соопшти дека Турција ја откажала платформата за билатерална соработка со Грција, наречена Стратегиски совет на високо ниво, и додаде дека Анкара сака надворешна политика „со силен карактер“, пренесува Ројтерс.

„Постојани ни правите претстави со своите авиони“, кажа Ердоган, алудирајќи на спорот околу воздушниот простор околу островите во Егејското Море.

Тој ја предупреди Грција да не се обидува да си игра со Турција.

„Ќе се заморите и ќе заглавите на патот. Ние повеќе не водиме билатерални разговори со вас“, порача Ердоган.

Двете земји се долго во судир околу низа прашања, како поморските граници, преклопувањето на истражувањата околу континенталните појаси, воздушниот простор, мигрантите и етнички поделениот Кипар, пишува британската агенција.

Тензиите повторно се разгореа минатата недела кога Ердоган кажа дека грчкиот премиер „повеќе не постои“ за него, обвинувајќи го дека се обидува да ја блокира продажбата на борбени авиони Ф-16 на Турција при посетата на Соединетите Американски Држави.

Мицотакис вчера кажа дека ги информирал своите колеги од Европската Унија за „агресивноста на Турција“ и „провокациите кои повеќе не можат да ги толерираат Грција или ЕУ“.