Завршни зборови на обвинителството за „Монструм“: Фетаи бара доживотен затвор за тројца обвинети


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Обвинителката Фатиме Фетаи, со нејзините завршни зборови во име на обвинителството, во повторното судење за „Монструм“ го внесе случајот со убиствата кај Смилковско езеро во судска завршница, пренесува 360 Степени.

Обвинителката Фатиме Фетаи остана на кривичното дело тероризам и за него ги обвини во прецизирањето на обвинителниот акт за петкратното убиство во случајот „Монструм“ од 12 април 2012 година: Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се избегани и се во Косово, како и братот Агим Исмаиловиќ, кој е во притвор.

Уште на почетокот, рече таа, мора да го расчисти патот и да ги побие разните теории кои ги наметнувала одбраната и кои се појавуваа во разни медиуми во врска со петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012.

Пред да започне, како што наведе, со „расчистувањето на патот“, обвинителката порача дека станува збор за предмет каков не сака ниту таа ниту кој друг обвинител во иднина да се повтори и да работи.

Теории

Првата теорија, која рече дека ја отфрла, е за еден од клучните докази – возилото „Опел Омега“.

„Една од верзиите што кружеше во јавноста, а беше и една од целните точки на одбраната, е дека предметното возило ѝ припаѓало на единицата ‘Алфа’, што секако остава простор за размислување како подметнување на еден од клучните докази“, рече Фетаи.

Меѓутоа, таа теорија обвинителката ја побиваше прво, осврнувајќи се со сведочење на лице осудено за измама кое зборувало дека кога било уапсено, со истото возило било возено во полициска станица. Таквото сведочење, според неа, нема поткрепа.

„Наводно, знаел дека токму тоа е возилото затоа што на телевизија видел дека возилото е од иста, вишна боја. Не се сеќавал ниту на табличките, само знаел дека биле скопски“, зборуваше Фетаи побивајќи го сведочењето.

Таа понатаму потсети на исказ на еден од обвинетите, Хаки Азири, кој кажал дека во истиот автомобил се возеле дел од обвинетите вечерта кога се случи петкратното убиство во 2012, како и дека била најдена ДНК на друг обвинет и оти вештачењето покажало дека возилото било кај Смилковско Езеро.

„Ќе заклучам и со апсурдноста, се случувало и во далеку поразвиени земји да се наместат докази, но досега не се случило некој да намести предмет како доказ кој тој самиот го поседува притоа имајќи предвид какви ресурси има полицијата“, рече Фетаи.

Трагите на местото на настанот, локвите крв, чаурите, но и отсуството на траги од облеката и на тревата дека имало влечење на телата, според Фетаи, ја побиваат и теоријата што се наметнувала дека убиствата биле направени на друго место, а телата потоа биле преместени.

Загрозениот сведок постои, продолжи обвинителката, и тој се сретнал со четворицата обвинители од СЈО кои го презедоа предметот, како и судијата претседател на Судскиот совет. Неговиот исказ, вели Фетаи, имаше одредени нејаснотии, празнини и контрадикторности, кои немаше да ги има ако сведокот бил поучен од некого како да зборува.

Уште една теорија што Фетаи ја побиваше во завршниот збор е за поврзаноста на поранешниот спикер Трајко Вељаноски со овој случај.

„Се лиферуваа и информации дека децата биле во блиски контакти со синот и ќерката на Трајко Велјаноски со кои имале честа дружба и наводно тоа е причината тие да бидат ликвидирани. За вакво нешто до овој момент ниту беше предложен каков било доказ ниту произлегоа какви било индиции дека убиените деца се познавале со деца на висок функционер, уште помалку дека имало некакви долгови“, рече Фетаи.

Тука таа потсети и на сведочењето на премиерот Зоран Заев кој кажа: „Ако ме прашате дали имам какви било докази за инволвираност, не поседувам, ниту сум видел ниту пред мене се појавиле какви било докази, освен писанија во медиумите од квазиновинари.“

Дека Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ се извршители на убиствата, рече Фетаи, има докази и во текот на оваа постапка се изведени повеќе докази и искази на сведоци кои го потврдуваат ова.

– Во однос на оружјето, може да се заклучи од доказие дека се користени три автоматски пушки. Сепак, тоа што не се знае кој со кое оружје пукал, или не пукал, не е пречка за утврдување на нивната одговорност со оглед дека се работи за соизвршителство – изјави Фетаи.

За обвинетиот Хаки Азири, нагласи Фетаи, постојат докази од моментот кога дознава за делото што го сториле Африм и Агим Исмаиловиќ.

– За потсетување, Хаки Азири има дадено повеќе искази во текот на постапката. Во своите искази самиот се самопотоварува и го посчува моментот кога токму во неговата кола на обиколницата влегле обвинетите за да го однесе дома. На исто ниво, е и исказот и деталите за неговите и дејствијата на другите – изјави Фетаи.