САД бележи нови црни рекорди со новозаразени од КОВИД-19


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Во само последните 24 часа САД бележи речиси рекордни 40.000 новоинфицирани. Здравствените власти сметаат дека со коронавирус се заразени 20 милиони луѓе, 10 пати повеќе од официјалните бројки.

САД се соочени со нов дневен рекорд на случаи на Ковид-19, пришто со новиот бран се конфронтирани повеќе јужни и западни сојузни држави. Во дневниот рекорд неделава сепак предничеа Аризона, Калифорнија, Тексас и Флорида. Во некои сојузни држави расте паралелно и бројот на пациенти на болничко лекување. Здравствените експерти стравуваат од евентуално преоптоварување на болниците.

Стефан Симонс, дописникот на Дојче веле од Вашингтон, јавува дека пандемијата се распространува надвор од овие четири држави.

„Ситуацијата во 30 сојузни држави е лоша. А овие 30 држави, кои претставуваат 60 проценти од сите американски сојузни држави, во изминатава недела пријавиле забележителен раст на инфекции со коронавирус, во 13 од нив зголемувањето на случаите е дури за 50 проценти, тоа не изгледа добро.”

Алармирачкиот број на новозаразени во одделни случаи ги наведе повеќе држави да ги замрзнат плановите за укинување на рестриктивните мерки, меѓу нив се Орегон, Утах и Тексас.

„Со оглед на тоа што се зголемуваат позитивните случаи на Ковид-19 и бројот на пациенти во болниците, се концентрираме врз стратегии кои ќе го успорат раширувањето на вирусот и на Тексашаните ќе им овозможат да заработат плата и да ги прехранат своите семејства”, изјави Грег Абот, гувернер на Тексас.

Абот, кој е републиканец и убеден поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп, инсистираше Тексас побрзо од другите сојузни држави да ги отвори продавниците и други области на јавниот живот.

Постојат стравувања дека тексашкиот град Хјустон може да се претвори во епицентар на коронавирусот.

Во Калифорнија гувернерот Гевин Њусом прогласи вонредна буџетска состојба поради пандемијата. Во средата оваа држава забележа рекорд од 7.149 нови случаи на Ковид-19.

Иако САД инсистираше на зголемување на бројот на тестирања, досегашните потврдени случаи веројатно претставуваат само еден мал дел од луѓето кои се имаат инфицирано, изјавија претставници на здравствените власти вчера.

Центрите за контрола и превенција на болести проценуваат дека во меѓувреме со коронавирус се заразени меѓу 16,5 и 26,4 милиони луѓе, што би значело дека реалните бројки се десетпати повисоки од официјалните 2,3 потврдени случаи.

Останува да се сочека дали САД ќе можат да го избегнат катастрофалниот дневен раст на смртни случаи од април, кога секој ден умираа по околу 2.200 луѓе.

Моментно бројот на починати дневно се движи околу 600, кој веројатно се должи на зголемените напори за спречување на инфекциите во домовите за нега, навремени лекарски третмани и скок на бројот на помлади лица кои се тестирани позитивно на вирусот. Коронавирусот се покажа како посебно опасен и смртоносен кај постарите луѓе.

Американскиот претседател Доналд Трамп пак и натаму останува на својот контроверзен менаџмент во корона-кризата. „Доколку не вршиме толку многу тестирања, немаше ни да имаме толку могу случаи”, изјави тој синоќа во интервју за ТВ Фокс њуз. Трамп има во предвид брзо отворање на економијата и што поскоро враќање во нормалноста, со оглед на претседателските избори во ноември. Тој е убеден дека коронавирусот полека исчезнува од земјата.