Тројцата професори кандидати за ректор апелираат: Не го бојкотираме изборот и не ги повлекуваме кандидатурите – само ги ставаме во мирување


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Универзитетските професори Драги Димитриевски, Вуица Живковиќ, Петар Атанасов утрово преку соопштение посочуваат дека не ги бојкотираат изборите за избор на ректор на УКИМ туку дека ги ставаат во мирување своите кандидатури, пренесува 360 Степени.

„Ние вчера јасно и гласно кажавме дека нашите кандидатури ги ставаме во мирување согласно со извештаите на Антикорупциската комисија и Државниот просветен инспекторат. Овие избори за ректор се нелегални, недемократски и неакадемски. Нашите кандидатури ги ставаме во мирување, затоа што не сакаме да учествуваме на вакви избори и да дадеме легитимност на целата оваа нелегална постапка. Во текот на вчерашниот и денешниот ден од страна на формални и неформални структури на УКИМ се шират лаги дека се повлекуваме од натпреварот за избор на ректор на Универзитетот ’Св. Кирил и Методиј‘. Лага е дека ние тројцата кандидати, професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски, кои вчера ги ставивме нашите кандидатури во мирување, се повлекуваме и го бојкотираме изборот“, велат професорите во заедничкото соопштение.

Тие потенцираат дека остануваат на ставот дека денешното гласање е противзаконско и нагласуваат дека се залагаат за процедура за избор на ректор која ќе биде демократска, транспарентна и без прекршување на законот.

„Во овој момент Универзитетската изборна комисија не работи во согласност со Законот за високо образование и Статутот на УКИМ. Денешниот ден е обид на УКИМ да се спроведат недемократски, нелегални и насилни избори од страна на ректорот Јанкуловски и на Универзитетската изборна комисија. Драги колеги професори и студенти, овие избори за ректор треба да се поништат. Да се прогласат за ништовни. Новиот Сенат треба да избере нова комисија за законско спроведување на изборот за ректор по парламентарните избори“, велат професорите.

Тројцата кандидати вчера до Универзитетската изборна комисија тие пратија известување дека своите кандидатури ги ставаат во мирување зашто нивниот став е дека изборите за ректор треба да се одржат по парламентарните избори со легална и легитимна постапка.

Од Комисијата, пак, добија одговор дека нивните кандидатури ќе останат избор доколку не ги повлечат зашто процедурата е во тек и дека и во објавениот роковник со активности не е предвидено мирување на постапката и мирување на кандидатурите на веќе пријавени кандидати.

Постапката за избор на нов ректор ја одбележаа и низа реакции на Независниот академски синдикат (НакС) во кои професорите-членови посочуваа дека се брзаат и форсираат изборите со оглед на тоа што мандатот на новиот ректор треба да започне на 15 септември, реагираа дека постапката за избор не треба да биде започната во вонредна состојба кога имаше Уредба дека мандатите на телата на се продолжуваат, како и во период кога се распишани парламентарни избори.

Извештај за случувањата имаше и Државниот просветен инспекторат во кој стои дека постапката за избор не требало да продолжи по прогласувањето на последната вонредна состојба на 15 јуни, т.е. дека е тоа спротивно на Уредбата на Владата од 5 јуни за мирување на сите активности за избори на тела и продолжување мандати.