Колумна: Генералите не се плашат од битки, туку од предавство!


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Победниците не се плашат од нови предизвици и секогаш наоѓаат начин да дојдат до победата. Тоа што Зидан го кажа како причина за неговото заминување е само „пуштање чад“, оти Зизу не е ништо друго, туку роден победник!

Во светот во кој сите трчаме по сензации и спектакл најтешко е да се стигне до врвот со скромност и тивко, бидејќи оние кои продаваат магла се најбучни и од нив тешко можеш да ја видиш големата слика.

Особено ако така тивко и скромно се појавиш на место каде царува гламурот, спектаклот и „галактикосите“, тогаш веднаш си осуден на пропаст (признавам, и јас бев од оние кои мислеа дека Зизу покрај аут линијата ќе биде само метеор).

Оти во ваква фудбалска декаденција во кој што живееме, често сме сведоци како некои „на име“ добиваат нешто што не го заслужуваат. Не е лесно да преминеш од „Адидас“ на „Версаче“, тоа најчесто завршува со солзи, но Зизу покажа дека е „модел“ за СЕ.

Дојде тивко, после само две и пол години замина како втор најтрофеен тренер во историјата на најголемиот клуб на светот. Постави стандарди и го остави „кралот“ сам во својот дворец. Не затоа што не е верен или се плаши од нови битки, туку затоа што се плаши од предавство.

Зизу заминува во вистински момент и тука нема никакви дилеми, во спротивно ќе завршеше како Максимус. Исфрлен да го памети само историјата, оти овие кои доаѓаат на „Сантиаго Бернабеу“ облечени во бело имаат слабо памтење, тие се повеќе навикнати да свиркаат отколку да аплаудираат (ако не ми верувате мене прашајте го Роналдо).

Тие кои мислеа дека Зидан ќе биде новиот Фергусон, нека си купат нови билети. Таму каде што седат немаат добар преглед на теренот. Едноставно, тоа во Мадрид е невозможно!

Кралот има други принципи, а Зизу тој ферман најдобро го знае. Пред негови очи се читала пресудата многу пати… паметниот заминува пред да му пресудат.

Навивачите на Реал се разочарани и тагуваат, ама како што реков, тоа е место каде се брзо се заборава. Кралот наскоро ќе донесе ново скапо дете да жонглира на Бернабеу и дворјаните ќе бидат среќни. Претставата ќе продоли…а Зизу? Ќе се врати еден ден сигурно, оти како беше онаа песната „Само једно место на свјету се зове дом“.

Пишува: Петар Кузманоски