78 отсто од македонското население е поврзано на интернет

Според статистичките податоци кои ги објави Агенцијата за електронски комуникации, во Македонија 84 отсто од домаќинства имаат пристап до интернет, додека 78 % од населението користи интернет.

Најголем дел од корисниците на интернет (38 %) ја користат оваа услуга од Македонски телеком, потоа следуваат Вип (27 %) и Телекабел (14 %).

Најкористена технологија за пристап на интернет е кабелски интернет со 39,3 проценти, понатаму следуваат ADSl со 35,5 %, оптички интернет – 10,7 %, LAN пристап 6,5 %, безжичен интернет – 1,7 % и мобилен интернет преку USB – 0,4 проценти.

Речиси сите испитаници поседуваат телевизор во домаќинството (99,5 отсто) од кои мнозинството (90 %) плаќаат месечен надомест за телевизиски услуги. Половина од населението поседува смарт телевизор во домот. Убедливо најкористена апликација на смарт телевизорите е Јутјуб.

Половина од домаќинствата што плаќаат месечна претплата за телевизија сигналот го добиваат преку кабелски приклучок (50,1 %) по што следува IPTV (31,9 %) DVB-T (11,1 %) и сателитскиот приклучок (1,5 проценти). Дополнителен пакет или канали со доплата имаат активирано 16 отсто од корисниците на платени телевизиски услуги.

Интернет и телевизија стандардно се најзастапени услуги во пакетите додека најголем раст се забележува кај мобилната телефонија која сѐ повеќе се користи во пакет со некоја друга услуга. Најпопуларен пакет на услуги е пакетот на „интернет и ТВ“ со 38,5 %, додека најбрзорастечки е пакетот што ги обединува четирите услуги „фиксна телефонија, мобилна телефонија, интернет и ТВ услугите“ со пораст од 10 проценти во однос на 2017 година.

Главен двигател за корисниците да земат услуги во пакет останува поевтината цена на пакетот во однос на поединечните цени на услугите. Мал дел (17 %) од кориснците на телекомуникациски услуги во пакетот има вклучено услуга што не им е потребна. Мнозинството од нив (94 проценти) сметаат дека таа услуга е фиксната телефонија.

Во 2018 година свесноста за Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) изнесува 60,4 проценти од населението. Свесноста за АЕК е највисока кај населението на возраст од 30-39 години (74,5 проценти), а најниска кај испитаниците на возраст над 60 години (35,2%).

Повеќе од половина од населението (53,8 проценти) смета дека АЕК придонесува во процесот на либерализација и развој на македонскиот пазар за електронски комуникации, но овој процент е во постојан пад.

Анкетата е спроведена од 27 септември до 12 октомври минатата година на територијата на државава на случаен репрезентативен примерок од 1.100 испитаници корисници на некоја од електронските комуникациски услуги: фиксна телефонија, мобилна телефонија, интернет и телевизија.