16 години од терористичките напади во САД


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Утре се навршуваат 16 години од терористичките напади во САД, кои на 11 септември 2001 година го шокираа светот. Во нападите загинаа вкупно 2.998 луѓе, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се водат како исчезнати. Во овој збир не се вклучени и загинатите 19 терористи.

Помошникот на американскиот претседател за прашањата за борба против тероризмот, Том Босфорт вчера изјави дека американските специјални служби не располагаат со податоци дека против САД се подготвуваат некакви големи напади во врска со годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година.

Засега нема реални закани од страна на терористите, за кои би било потребно да се преземат дејствија, рече Босфорт.
Нападите во 2001 година ги извршија припадници на терористичката група Ал Каеда, а тој трагичен настан го означи почетокот на американската и западната глобална кампања против тероризмот, која резултираше со војните во Авганистан и во Ирак, со отворање на затворот во Гвантанамо, јакнење на безбедносите мерки и агенции на сметка на човековите права, со зголемување на воениот буџет.

Војната против тероризмот се уште трае, но Ал Каеда, чиј лидер Осама бин Ладен е убиен, ја заменија нејзините ограноци и Исламска држава, против кои се водат борби на Блискиот Исток, во Сирија и во Ирак, додека на мета на терористите се почесто се европските престолнини.
Во САД одбележувањето на годишнините традиционално се одржува во Националниот меморијален центар, кој се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, каде се урнати кулите близначки.

Оддавањето почит на жртвите во Меморијалниот центар вклучува и читање на имиња на настраданите во нападите од 1993 и 2001 година, додека навечер два снопа сина светлина насочени кон небото потсетуваат на урнатите кули.