1,1 милион евра државни пари за санирање канал за отпадни води во Арачиново


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На вчера одржаната владина седница, Владата одобри од државниот буџет на Општина Арачиново да се доделат 1,1 милион евра за санирање на канал за отпадни води.

Општина Арачиново е една од ретките општини во Македонија каде што не се плаќа данок на имот и каде кражбата на струја изнесува и над 80 отсто. Во декември 2020 година Владата ѝ даде неповратна помош од пола милион евра на Општина Арачиново за справување со потешкотиите во работењето настанати поради ковид-19 кризата.

„Конечно ќе се санира каналот за отпадни води во Општина Арачиново. На денешната седница на Владата ја донесовме одлуката за спроведување на постапка за јавна набавка за регулирање на обиколниот канал во оваа општина. Исклучително важна инвестиција вредна околу 66 милиони денари која ќе овозможи подобар живот на Арачиновци“, напиша вчера вицепремиерот Артан Груби.

Овој проект е доставен до Владата од министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, заедно со проект за изградба на фекална канализација во населено место Страчинце, Општина Гази Баба и реконструкција на системот за водоснабдување Богданци.

„Овие проекти се дел од инвестициската програма на Министерството за животна средина и просторно планирање, во делот за финансирање на проекти за водоснабдување и изградба на примарна и секундарна канализација, и се во согласност со стратешките приоритети за развивање на современа и функционална водоводна инфраструктура, заштита на животната средина и подигање на степенот на социјален развој и квалитет на живот во сите општини во нашата држава“, соопштија од Министерството за животна средина.

Истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации за наплата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година покажа дека Општина Арачиново е единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имот. Од Општина Арачиново тогаш велеа дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.