Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Од кога постои институтот и која била целта и мотивацијата за негово основање?
Институтот за семејни студии, постои од 2014-тата година и оваа година славиме пет години јубилеј од неговото постоење. Идејата за формирање на овој Институт започнува уште од 2012-тата година кога започнуваат повидливо да се забележуваат промените во семејните структури и функции и да се акцентираат поголем број разводи, намален наталитет, различни семејни модели, бројни случаи на семејно насилство итн. Основните поими, односно аспектите на животот и делувањето на семејството во современото општество, како што се бракот, роднинството, домаќинството, родителството, детството, авторитетот на семејството, семејните вредности и идеологии стануваат се поранливи поради надворешните социјални влијанија. Ваквата состојба, претставува предизвик за науката, за проучување и истражување на семејствата, со цел да се согледаат состојбите, да се детектираат проблемите и да се одговори на потребите на семејствата. Филозофскиот факултет, кој во неговата долгогдишна работа го проучува семејството преку повеќе научни дисциплини, го основа Институтот за семејни студии како специјализиран за сеопфатно проучување на семејството.
Кои се компетенциите на дипломираните студенти и каде би можеле да го очекуваат своето вработување?
Предметите од студиската програма им овозможува на идните студенти да развијат критички и креативни вештини и да се стекнат со искуство потребно за развивање на практични вештини и разбирање. Овие вештини се насочени кон подобрување на квалитетот на живот преку остварување, интеграција, примена и ширење на знаењето за животниот циклус, односите, семејствата и заедниците и нивното значење во поширок социјален контекст.Студентите се стекнуваат со знаења кои ќе им помогнат да станат професионалци во една од многуте општествени гранки кои позитивно влијаат врз благосостојбата на македонското семејство. Тие учат за динамичната природа на семејствата и концептуалната рамка врз која се засноваат денешните теории за семејството. Тие се оспособени за истражувачка работа и анализа на семејството како институција и за работа на терен со семејства. За жал, овој профил сѐ уште не е етаблиран на национално ниво, меѓународното искуство покажува дека можности за вработување на ваквите профили се следните институции:
- Владините институции кои во својата работа на било кој начин го препознавата и го вклучуваат семејството и креираат политики, стратегии, оперативни планови и други релевантни документи
- Образовни институции кои вршат различни степени на едукација,
- Агенции и организации кои работат со деца и адолесценти, вклучувајќи и центри за социјална работа, болници, библиотеки, музеи;
- Истражувачки центри од областа на семејството и семејните односи;
- Младински центри чии програми се однесуваат на проблемите како малолетничка бременост, злоупотреба на дрога и други психотропни супстанци и сл.;
- Предбрачни и брачни советувалишта;
- Центри за планирање на семејството;
- Здравствени институции (јавни и приватни);
- Центри за истражувања на развојот на семејството и семејните односи;
- Невладини организации во чиј фокус на интерес се децата и заштитата на нивните права;
- Домови за деца без родители и штитенци;
- Домови за стари лица;
Какви општествени промени очекувате дека би се случиле со инволвирање на овој кадар во институциите, какви придобивки ќе имаат семејствата од истите?
Во современите општества, брзите промени, наметнати од новите општествено-економски состојби, имаат големо влијание врз семејствата и како што споменав тие влијанија создаваат нови реалности со кои општествата треба да се справуваат. Со инволвирање на кадар кој е едуциран да ги осознава, препознава и да се справува со предизвиците на семејствата во нашата земја, очекувано е суштински да се детерминираат проблемите со кои се справуваат семјествата во нашето општество и како резултат на тоа да се креираат политики кои ќе одговорат на потребите на семејствата. Придобивките на семејствата можат да се согледаат во стручна семејна поддршка од семејнолози и семејни едукатори, кои пред сѐ, ќе ги едуцираат семејствата за бракот, родителството, врските, односите и слично и најважно ќе им пружат помош и поддрршка кога ќе им биде потребна.
Кој е концептот на програмата и пристапот кон проучување на семејството?
Овие студии се фокусираат на добросостојбата и здравиот развој на индивидуите и семејствата во текот на нивниот животен циклус, вклучувајќи ги и динамичните односи во семејството и со пошироките општествени институции. Се изучуваат различните аспекти од општествениот живот и како тие влијаат на семејствата. Програмата на семејни студии вклучува изучување на теорија, истражувања и практики како и нивно применување во развојот на индивидуите во контекст на семејствата во социјалните системи. Во основа, станува збор за мултидисциплинарен пристап кој се заснова врз социологијата, педагогија, психологијата, човековите права, здравството, економијата и други области.. И покрај тоа што го препознаваат коренот во овие дисциплини, семејните студии пронаоѓаат уникатен начин да го проучат семејството како биолошка, социјална, економска, правна и политичка единка и нејзино менување и прилагодување кон промените.
Дали сметате дека е потребна посеопфатна едукација на популацијата во врска со важноста, функциите, значењето и улогата на семејството во нашето општество?
Секако дека е потребна посеопфатна едукација, но не само за важноста, функциите и улогата на семејството во нашето општетство, туку и едукација на самите семејства : едукација за брак, родителство, семејно здравје, комуникација во семејството, разрешување на конфликти, кризи во семејството итн. Семејната едукација е многу популарна во последниве неколку децении во Соединетите американски држави, Канада и Австралија и во некои европски земји. Може да се сретне како дел од формалното образование, во облик на предмет за средно образование или како посебен курикулум на некои студии. Семејната едукација ги опфаќа сите животни период и вклучува прашања како: брак, развод, неверство, семејно насилство, зависности, љубомора, сексуални дисфункционалности, проблеми со децата, финансиски проблеми и друго. Нашите истражувања покажуваат дека младите луѓе ги добиваат знаењата за овие прашања исклучиво во кругот на семејствата, и тоа не е доволно. Затоа, ние како Институт се залагаме за воведување на семејната едукација како задолжителна низ целиот процес на образование.
Кои практики сметате дека може да се имплементираат кај нас по примерот на практиките и искуствата од развиените земји по прашање на подобрување на функционалноста и опстојување на семејството во нашата држава?
Пред се, треба да се работи на подигање на свеста за важноста на семејството како суштинска клетка на секое општество и важноста на премисата дека на секое семејство му е потребна поддршка. Земјите во Европа и Европската Унија постојано го истакнуваат значењето на семејството за развој на европското општество и преземаат низа мерки за постојано унапредување на неговата улога. Нашата земја, треба да се сообрази со европските насоки за семеен развој и благосостојба.
Интервјуто е извадок од списанието „VOX“ изработено од студентите на Институтот за семејни студии.
Интервју со Доц. д-р Македонка Радуловиќ
Институт за семејни студии, Филозофски факултет