Законот за јавно обвинителство клучен за преговори со ЕУ – Вархеји бара да се донесе пред избори


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Со нов пакет за унапредување на процесот за проширување, Европската комисија повторно ќе предложи отпочнување на пристапни преговори со Македонија, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на неговата прва официјална посета во Скопје.

Но, Вархеји апелираше дека новиот пристап мора да биде кредибилен, попредвидлив, но и пополитички, пообјективен и со поголема динамика.

„Тоа исто така значи дека ние треба да имаме и позитивна одлука од Европскиот Совет за отворање на преговори за пристапување пред Самитот во Загреб оваа година, кој треба да се одржи во мај“, изјави Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување.

Вархеји информираше дека минатата недела разговарал со француските власти околу нивните услови и се надева дека предизвиците ќе бидат надминати и ќе се донесе позитивна одлука. Тој побара и земјава да упати позитивен сигнал до земјите-членки преку продолжување на реформите.

„Приоритет треба да му се даде на новиот закон за Јавно обвинителство. Се надеваме дека тоа ќе може да биде направено од страна на ова Собрание, што би бил добар знак упатен до нашите земји-членки“, рече Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување.

Според него клучно е и опстојување на националниот консензус за членство во ЕУ, но и спроведувањето на Договорите со Грција и со Бугарија без оглед која и да биде следната влада.

Тој информираше дека побарал од Европскиот парламент да ја награди земјава со 50 милиони евра за резултатите во искористување на европските фондови.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски кој му беше домаќин на Вархеји пак очекува Унија да ја исправи својата грешка кон земјава и уште оваа пролет да ги почне преговорите со неа. Од политички фактори во земјава пак побара да не го доведат во ризик пристапувањето во ЕУ, но и во НАТО.

„Треба да ни биде јасно дека секоја постапка, секоја изјава која ги доведува под прашање остварените достигнувања во односите со соседите, нашите домашни и меѓународни обврски, ја загрозуваат и ја ставаат под знак прашање и нашата евроатлантска перспектива за која одамна имаме национален конснзус“, рече Оливер Спасовски, технички премиер на Македонија.

Законот за Јавно обвинителство, со кој ќе се реши и проблемот по прекинување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство, како приоритет го посочи и францускиот амбасадор во Скопје, Христијан Тимоние.

„Потребни ни се успешни избори. Прогрес во агендата. Бидејќи постои метологија, но постои и агенда на реформи во политичката агенда како и законот за Обвинителството, порача Тимоние.

Законот за Јавно обвинителство е заглавен во Собраниските лавиринти откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлучи истиот да го блокира, а за неговото носење преговараа со владејачката СДСМ. Иако на неколку пати се чинеше дека се блиску до договор, сепак партиите немаат постигнато консензус за ова прашање.