Заев се премисли: Постапката за преименување на чаирските училишта е во ред, не е во ред ширење национализам


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Откако претходно бараше ревидирање на постапката и начинот на преименување на две училишта во скопската општина Чаир, тврдејќи дека процедурата за нивно преименување е незаконска, првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, го промени ставот и сега тврди дека според него нема пропусти во процедурата. Сепак, во објавата на Фејсбук, тој посочи дека не треба да се создава простор за ширење национализам, пренесува 360 Степени.

„Вчера и денеска ги проверивме сите аспекти од постапката за носење на имињата на основните училишта во Чаир. По темелна анализа, правни тимови констатираа и ме информираа дека промената на имињата е во согласност со членот 26 од Законот за основно образование. Откако училишниот одбор донел одлука за измена на Статутот на училиштето, со што се променува името на училиштето и се додава уставното име на државата, истата била потврдена и од страна на Советот на Општина Чаир. Бадентерово мнозинство не било неопходно“, напиша Заев на Фејсбук.

Тој напоменува дека одговорноста пред граѓаните подразбира и темелна проверка на фактите и спречување какви било обиди за политичко поентирање врз база на меѓуетничките односи во нашата земја.

„Одговорно е да се водиме од словото на законот, нема и не смее да има простор за ширење национализам и поделби. СДСМ е партија предводник на концептот ‘едно општество за сите’, која се води исклучиво од словото на законот“, коментира Заев.

Позитивното мислење на Советот на Чаир за преименување на ОУ „Рајко Жинзифов“ во „Исмаил Ќемали“
Случајот кој се провлекува од 2012 година, уште кога ДУИ беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, деновиве доби завршница, така што основните училишта „Никола Вапцаров“ и „Рајко Жинзифов“ се преименувани во „Исмаил Ќемали“ и „Имри Елези“. Во меѓувреме, Советот на Општина Чаир, а претходно и училишните одбори, донел нови одлуки за промена на статутите на двете училишта. Конечното решение го донел министерот за образование Арбер Адеми. Нема информации како гласале за овие одлуки советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, освен информацијата што ја соопшти Заев дека во случајов немало потреба од Бадентерово мнозинство.

На локалните избори во 2017 година СДСМ и ДУИ имаа заеднички кандидати за градоначалници, а поединечни советнички листи во општините со мешан етнички состав. Во Чаир, ДУИ има девет советнички места, а СДСМ четири – исто колку и ВМРО-ДПМНЕ. Двајца советници се од Алијансата за Албанците, а осум од Беса.

По веста за преименувањето на училиштата, Заев оцени дека постапката е незаконска, затоа што нема валидна одлука на Советот на Општината. Тој го повика Централниот регистар веднаш да ја коригира постапката за впишување на новите имиња на училиштата.

Од Централниот регистар одговорија дека постапката за упис е спроведена во согласност Законот за едношалтерски систем и Законот за високо образование.