Заев од Широк сокак: Заврши времето на „Миле ми текна“, ќе се гради по план и пропис


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Со благодарност до градоначалниците и најава „За живот во сите општини“ синоќа од Широк сокак своите пораки ги испрати претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Тој им порача на граѓаните дека Македонија се менува и дека ќе биде достојно место за живеење.

Заев на почетниот минтинг во Битола спомена и дел од мерките спроведени во првите четири месеци, меѓу кои евтината тарифа на струјата, покачувањето на минималната плата, но и укинување на радиодифузната такса.

„Ни треба вашиот влог за да работиме заедно, за живот за сите. Промената почнува од вас, од секое село и град. Да работиме заедно за во сечиј дом да бидат видливи промените. Имаме план за живот во Македонија за сите. Програмата на СДСМ и коалицијата се потпира на четири столба. Прво, градиме по план бидејќи заврши времето на „Еј, Миле, ми текна, да ставиме овде фонтанче?“ Второ, работиме за чиста вода и чист воздух. Битола е пример бидејќи лелек ечи на сите страни. Трето, насочуваме повеќе пари кај граѓаните. Носиме поддршка за домашните компании, со цел нови и подобро платени работни места. Четврто, граѓаните ќе ги добијат сите потреби на едно место. Обезбедуваме ефикасен јавен превоз и чисти загреани училишта. Ќе има помош за сите. Ставаме крај на децениското самоволие каде што градоначалниците им ги исполнуваат барањата на партиските шефови“, рече Заев од Битола.

Коментирајќи го слоганот на ВМРО ДПМНЕ, „Нова ера“, рече дека Македонија веќе живее нова ера ослободена од режимот на Груевски, каде што поранешниот премиер потрошил 38 милиони евра за свое рекламирање. Заев потенцира дека целиот свет слушнал какви насилници се кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ, кои притоа работеле по директива.

„Вели СДС без „М“ бидејќи не сме биле патриоти. Не! Ние сме поголеми патриоти од нив! За живот во Битола, за живот во Македонија. Нека му е на чест кога граѓаните се исмеваат со него. Еден граѓанин ми вели: „Претседателе, тоа ДПМНЕ значи демонтиран патриот за монтирање нова ера?“. Има и добри кандидати меѓу нив, но битолскиот не е дел од нив. Ќе работиме за граѓаните на Македонија, ќе бидеме поинакви од нив“, додаде Заев коментирајќи ги изјавите на Груевски.

Тој потенцира дека дошол во Битола за да бара и моли за гласови бидејќи Македонија можела подобро да живее, додавајќи дека секој граѓанин е важен. По ова, Заев ги претстави советниците и кандидатот за градоначалник на Битола, Наташа Петровска.

Извор: Макфакс