За утре е најавен стартот на изградбата на коридорот 8, а никој не кажува од каде ќе почне да се гради


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Почетокот на изградбата на коридорот 8 е најавен за утре, 22. април, но надлежните државни органи не кажуваат кога и каде тоа ќе се случи.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека утре ќе почнат само некои геодетски мерења, без информација кога и каде. За 12 мај е веќе закажан стартот на изградбата и на коридорот 10д.

Од Министреството за транспорт и врски само велат дека утре ќе почнат некои геодетски снимања и мерења, подготовки за постапките за експропријација на земјиштето и подготовка на камповите во кои ќе се сместуваат работниците, што ќе ги градат делниците. Нема булдожери и багери и нема прослави како што беше таа за старт на проектот организиирана од вицепремиерот Артан Груби, кој во меѓувреме стана и главен координатор на изградбата на автопатите од овие коридори вредни 1,3 милијарди евра.

И покрај бројните сомневања за овој договор, за начинот на кој се дојде до овој потпис и бројните недоследности и нејаснотии кои следат, заедно со сомневањата за корупција, за Владата ова е историски проект. Наспроти ова, за опозицијата станува збор за историски грабеж и должничко ропство.

„Некој ќе проектира, а евентуалните грешки во проектот ќе ги плаќаме ние преку ЈП за државни патишта, или граѓаните, државата ќе го плаќа тоа што е згрешено. И во периодот кој ќе следи ќе отвораме детали од оваа верзија на договор која ни е доставена, ќе отвораме и други детали во јавноста и ќе се занимавме и со цените, но и со оние цени кои во договорот се ставени како ТБД (to be defined), односно допрва ќе се дефинираат и ние имаме основано сомневање дека тоа најмалку двојно ќе го зголеми оној буџет кој Ковачевски и оние околу него ни го презентираа во јавноста“, изјави вчера Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, власта прифатила, при евентуален спор со реализацијата на овој договор, да не важи македонското законодавство, туку она на Англија и Велс.

Потпретеседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за „Фокус“ откри нови спорни моменти од договорот за изградба на коридорите 8 и 10 кој Владата го потпиша со „Бехтел и Енка“.

„Се работи за план 11 од договорот кој се однесува за број на работници и план за работа. Во истиот е дефинирано колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни. Согласно договорот, од вкупниот број работници 30 отсто ќе бидат домашни, а 70 отсто странци. Што значи дека 70 отсто од парите кои македонските граѓаните ќе ги дадат за изградба на автопатот ќе одат надвор од државата. Наместо да се вработуваат домашни луѓе, Македонија ќе вработува странци, а премиерот лаже дека најмалку 51 процент ќе бидат домашни работници. Уште поголем проблем е што ако сега некој дојде за да работи во Македонија му треба работна дозвола и дозвола за престој. Ама само за работниците на автопатите на ‘Бехтел и Енка’ ова нема да важи. Тие ќе можат да работат првиот ден откако ќе стапнат на македонско тло, додека ги чекаат соодветните работни дозволи и виза. А, тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што можно е да влезе некој кој има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример, истиот да се инфилтрира во државата, да работи шест месеци и после шест месеци барањето за работна дозвола да му биде одбиено. А, во тие шест месеци можеме само да сонуваме какви проблеми тоа лице ќе направи“, вели Николоски, кој подвлекува дека ова е уште едно класично кршење на законите.

Многу прашања и дилеми во јавноста поврзани со изградбата на коридиорите останаа засега неодговорени поради тајноста на договорот.

Владата на Македонија вчера информираше дека владини претставници и членови на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10д, вклучени во овој најголем инфраструктурен проект, ќе ја презентираат документацијата и деталите од Договорот за изградба на овие два коридора, во соодветна собраниска процедура. Презентацијата на договорот, ќе биде спроведена пред сите пратеници од Собранието кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.

Наспроти убедувањата на владејачкото мнозинство дека стратешкиот партнер има одлучувачка улога во спогодбата со американско-турскиот конзорциум, Амбасадата на САД во Македонија вчера соопшти дека тие во ниту еден момент не биле на преговарачката маса. „ „Амбасадата на САД целосно ги поддржува инвестициите од корист на народот на Северна Македонија. Бидејќи ова не е проект на американската влада, Амбасадата немаше место на преговарачката маса. Јасно кажавме дека доколку постојат прашања за несоодветни постапувања во овој или кој било друг случај на владини набавки, тие треба да се истражат“.

Ова соопштение доаѓа откако владини претставници постојано се обидуваат да наметнат мислење дека секој оној кој бара одговори за контроверзниот договор, е против ЕУ и САД.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вчера изјави дека секој денар што ќе биде потрошен за изградбата на автопатите, за разлика од досегашната пракса, ќе биде објавен на „Отворени финансии“ и граѓаните ќе можат да видат колку пари се трошат. Тој рече дека договорот треба да биде јавен, освен делот за технолошките процеси кои на компанијата ѝ даваат уникатна предност пред другите компании.