Времето тече, партиите молчат, на Иванов му останува помалку од една недела


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со конституирањето на парламентот почнаа да течат роковите за составување нова влада, но засега ниту партиите откриваат детали за преговорите, ниту претседателот Ѓорге Иванов открива кому ќе му го даде мандатот.

До истекот на рокот за доделување на мандатот за состав на формирање на новата влада, 9 јануари, останува уште една недела, а двете најголеми партии останаа на своите ставови. ВМРО ДПМНЕ тврди дека имаат легитимитет и поддршка од народот, а од друга страна СДСМ вели дека зборот на Груевски во политиката веќе не вреди ништо и дека мнозинство гласачи им дале довербата на опозициските партии, гласајќи за промени.

Проценките се дека определувањето мандатар за состав на новата влада би можело се случи и во овој период меѓу новогодишните и божикните празници, а Иванов изјави деновиве дека ќе ги почитува роковите предвидени со Уставот на Македонија.

Јас како претседател сум обврзан според Уставот, по конституирањето на Собранието во рок од десет дена да го дадам мандатот, потоа следи мандатарот кој има дваесет дена да ја состави владата која треба да добие мнозинство во Парламентот. Сето тоа е одредено и почитувајќи ги процедурите и почитувајќи го Уставот, даваме сигурност кај граѓаните и извесноста со политичките процеси, рече Иванов.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, вчера изјави дека досегашната опозиција ќе ја информира благовремено јавноста за евентуалните коалиции, во контекст на законските рокови за формирање влада.
Претходно, Груевски, пак во своето новогодишно обраќање, зборуваше за приоритетите на идната влада и рече дека ветувањата од кампањата мора да се реализираат, а по формирањето на владата да се работи на развој и реформи за членство во ЕУ и во НАТО.

Изборите се зад нас и по формирањето влада треба да се зафатиме со работа и активности на економски план, на планот на реформите во сите области, на планот на стратешките приоритети за приклучувањето на Македонија кон НАТО и ЕУ, на продолжување на градење соживот и заедничка иднина за сите нас, а особено за младите. Ние сме подготвени за тоа“, изјави Груевски.

Клучот за формирање на владата, сепак, е во рацете на ДУИ од каде што остануваат на ставот дека одлуката за коалицирање нема да биде спротивна на волјата и интересите на Албанците во земјата, како и на изјавата на лидерот Али Ахмети по средбата со албанскиот премиер Еди Рама, дека на идните преговори за состав на новата влада ќе настапи со договорената нацрт платформа со заеднички барања за правата на Албанците.

Откако Иванов ќе го додели мандатот,  мандатарот има законски рок од 20 дена до Собранието да го предложи составот и програмата. Доколку не се постигне договор, мандатот се враќа и се доделува на втората партија по број на мандати која би можела да обезбеди парламентарно мнозинство. Доколку ова се случи, целата процедура за избор на идната влада би се оддолжила и во текот на февруари.