Home Актуелно Во македонските болници се хоспитализирани само 14 отсто од заразените со КОВИД-19 – висок е процентот на заразени без симптоми

Во македонските болници се хоспитализирани само 14 отсто од заразените со КОВИД-19 – висок е процентот на заразени без симптоми

Од почетокот на епидемијата на коронавирусот до вчера во Македонија вкупната бројка на заразени од КОВИД-19 изнесува 4.157, а на починати е 193. Во вчерашниот билтен на Министерството за здравство беа евидентирани 103 нови случаи со вирусот од 841 направено тестирање, а пет пациенти починаа. Активни има 2241 случај, пренесува Независен.

Најголем број од новите случаи (46) се во Скопје. Ново жариште во изминатите пет дена стана Ресен со 19 дијагностицирани лица, а првите потекнуваат од семејна прослава. Министерот за здравство Венко Филипче повторно апелираше дека само со одговорно однесување ќе се намали бројот на заразени, но и за да се намали притисокот врз здравствените институции што ги третираат заболените од вирусот за да може што поскоро да бидат отворени сите болници и клиники за потребите на граѓаните.

Поради бранот на новозаразени во изминатите неколку дена, прекината е редовната програма на хронични интервенции во болниците, се извршуваат само итни и неопходни со примена на сите заштитни мерки.

Без одговорно однесување и почитување на мерките, рече Филипче, и враќање на рестриктивните мерки нема да биде добра опција зашто секое следно нивно попуштање, како што рече, повторно ќе нè соочи со зголемен број заразени, ќе нè враќа на почеток и состојбата нема да може да се нормализира и стабилизира.

Во болниците вкупно се хоспитализирани 318 пациенти, т.е. 14 отсто, а 86 отсто се лекуваат во домашни услови. Дополнителен капацитет ќе има и со монтажната болница која е целосно подготвена и достапна за лекување на пациентите со коронавирус.

-Факт е дека се соочуваме со силен бран на епидемијата. Тоа што охрабрува е дека има висок процент на асимптоматски и пациенти со лесна клиничка слика кои се наоѓаат на домашно лекување рече Филипче и соопшти дека има и кревети и опрема, но дел од медицинскиот персонал е во изолација и се надополнува си ротација и со засилување од други градови.

Поради високиот број на заразени, сè уште на неодредено време остануваат затворени градинките. Министерот рече дека не може точно да каже кога ќе почнат да работат и дека неделно се анализираат податоците и во Владата ќе се разговара и за нив, и за ослободување на рестриктивните мерки што важат за голем дел други затворени економски оператори и за кои има соодветни протоколи за да почнат да работат.

– Градинките сè уште не може да ги отвориме, бидејќи сакаме да ги заштитиме децата. Училишната година заврши, апелирам до родителите да им укажат дека треба да носат маски и да не се групираат, иако младите поретко заболуваат и сè најчесто асимптоматски, но ја шират заразата, рече Филипче.

И за изборниот процес, исто така, има протокол за безбедност на сите учесници и тој се темели на медицински и епидемиолошки аргументи, рече министерот, додавајќи дека стојат на располагање за соработка со Државната изборна комисија (ДИК) за безбедно да се спроведат изборите и ниеден учесник да не биде доведен во ризик.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…