Актуелно

Внатрепартиски консултации на СДСМ и ДУИ за можната заедничка Влада

Од СДСМ соопштуваат дека денеска не продолжуваат преговорите со ДУИ, бидејќи се уште се одвиваат внатре партиските консултации за евентуално коалицирање меѓу двете партии. Ескепртите очекуваат СДСМ и ДУИ да ја формираат новата влада.

Преговорите меѓу СДСМ и ДУИ не продолжуваат денеска, бидејќи уште се во тек внатрепартиските консултации, велат од СДСМ. Претставници на двете партии за прв пат вчера официјално се сретнаа на неутрален терен откако ВМРО ДПМНЕ не успеа во дадениот рок да формира влада. По средбата, од ДУИ соопштија дека разговорите биле конструктивни и дека ги доставиле нивните барања. Од СДСМ порачаа дека не се разговарало за ништо конкретно, а за барањата ќе се произнесат по консултациите во партијата. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов вели дека партијата се уште нема став дали барањата на ДУИ се прифатливи за нив.

Во оваа фаза не се ни разговараше за никакви посебни барања. Кажавме и вчера дека имавме конструктивни разговори. Идејата и целта е да се формира што е можно побрзо реформска влада која ќе одговори на приоритетите на граѓаните на Република Македонија. Кога ќе продолжиме со преговорите ќе ја известиме јавноста. Во текот на денешниот ден нема преговори затоа што се одвиваат внатрешно партиските консултации, истакнува Шилегов.

Професорот на Универзитетот Свети Климент Охридски, Никола Дујовски очекува СДСМ и ДУИ да постигнат договор и заедно со Беса и Алијансата на Албанците да формираат влада.

Очекувам дека тоа ќе биде новото владино мнозинство, затоа што тие немаат проблеми какви што имаат ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Прво не биле заедно десет години, напротив биле на спротивната страна што од сегашен аспект се покажува добро, бидејќи има многу проблеми кои произлегоа од внатре коалициските односи меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ а со кои не се оптеретени СДСМ. И новиот граѓански концепт кој го нуди СДСМ дури и во преговорите води кон тоа дека во ДУИ преовладува ставот дека е можна, реална остварлива коалиција со СДСМ, смета Дујовски.

Во однос на барањата, Дујовски смета дека тие натаму ќе бидат предмет на договарање.

„Јас мислам дека идните коалициони партнери веќе се насочени кон договарање на кадровските решенија или тоа ќе го прават во наредните неколку дена“, порачува Дујовски.

Од ВМРО ДПМНЕ во врска со можноста СДСМ да формира Влада, и дали истата за нив ќе биде прифатлива, соопштија дека секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови, носи одлука да се соочува со проблеми во иднина, својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани.

To Top