ВМРО-ДПМНЕ се жали кај Жбогар за потезите од власта во врска со Академијата за судии


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се пожали кај евроамбасадорот Самуел Жбогар во која обвинуваат дека со новиот предлог-закон за Академијата за идни судии и јавни обвинители на прво место се ставаат дискрецијата, владината доминација и непотизмот, наместо примарни вредносни норми да бидат квалитетот и мерит системот за правилата за полагање на приемните испити за Академијата.

Во писмото до Жбогар што го објави пратеникот Антонијо Милошоски на неговиот официјален Фејсбук профил се обвинува Владата дека со предлог-законот се злоупотребува знамето на ЕУ, но, како што се вели, не за да се усогласи законот со некоја ЕУ регулатива, туку само за скратување на роковите за постигнување на политичката цел на власта да ги дерогира стандардите за упис на Академијата, со директно мешање на претставникот на Министерството за правда во испитната комисија. Затоа, додава Милошоски, бараат од амбасадорот Жбогар да даде одговор за ваквата злоупотреба.

„На расправата на Комисијата за политички систем укажавме дека власта има цел наместо мерит систем и квалитет, да воведат принцип на дискреција за подобни луѓе и роднини, синови и ќерки на високи судски функционери, високо рангирани обвинители и актуелни политичари да одлучуваат кои ќе бидат идни судии и јавни обвинители по теркот на влијателните луѓе од власта.

Веќе станува јасно дека има кандидати кои се привилегирани и по основ на непотизам и/или партиска подобност се веќе сигурни дека ќе го поминат испитот за влез во Академијата, како синот на претседателот на еден суд, ќерката на една обвинителка од ОЈО, снаата на една сегашна функционерка од СДСМ во Собранието, синот на Претседателот на едно правосудно тело, внуката на поранешна пратеничка од СДСМ (сега вработена во СЈО), синот на еден висок државен функционер на ДУИ, блиска личност на Генералниот секретар на Владата, партиски адвокат од Општинска организација на СДСМ од внатрешноста и други повластени кандидати за идни судии. Принципот на еднакви шанси при конкурирањето во Академијата е девалвиран”, напиша Милошоски.

За ова писмо на кое се потпишани десетмина пратеници ВМРО-ДПМНЕ очекува одговор од Жбогар, а за тоа ќе комуницираат и со Европската комисија во Брисел.

Во писмото, меѓу другото, се наведува дека предлог-законот не предвидува рангирање на кандидатите според успехот во образованието, а познавањето на странски јазик наместо со меѓународно признат сертификат, ќе се докажува со полагање во фирма избрана на тендер од страна на генералниот секретар на Владата.

„Дополнително, Комисијата за приемен испит, каде членува и лице лично номинирано од министерката за правда, учествува со дури 70 отсто од вкупната оценка на кандидатот што создава можност за субјективизам и широко поле на дискреција и остава простор за манипулација и контаминирање на целиот процес на избор”, пишува во писмото.