Влада Урошевиќ е добитник на „Златен венец“ за 2023 година на Струшките вечери на поезијата, Гевин Бредли добитник на „Мостови на Струга“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Ирскиот поет Гевин Бредли, кој долги години твори во Канада, е добитник на поетската награда „Мостови на Струга“ за најдобра меѓународна дебитантска поетска книга, за неговата стихозбирка „Страв од разделба“, додека македонкиот писател и поет Влада Урошевиќ е добитник на главната награда на „Струшки вечери на поезијата“, „Златен венец“ за 2023 година, пренесува Радио МОФ.

Добитниците на престижните награди на меѓународниот поетски фестивал беа соопштени на денешното поетско читање по повод 21 март, Светскиот ден на поезијата, што се организираше во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје каде воедно беше одбележан и јубилејот 100 години од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов.

„Наградената, истовремено дебитантска поетска книга ‘Страв од разделба’ е трогателно деби на Гевин Бредли во кое поетот го истражува емоционалниот данок кој произлегува од различните видови разделби; разделба со партнерот, разделба со пријателите, разделба со претходното чувство за себе си или разделба со домот и луѓето кои сме ги оставиле зад нас. Особено се впечатливи песните кои ја тематизираат самотијата на емиграцијата и немирот на разделбата од Северна Ирска, татковината на поетот. Станува збор за исклучително кохерентна книга која е исклучително богата и слоевита“, истакна Владимир Мартиновски, член на управниот одбор на „Струшки вечери на поезијата“.

За лауреатот на „Златен венец“, Влада Урошевиќ, претседателката на управниот одбор, Елизабета Шелева рече дека Урошевиќ е синоним за вљубеник во писмото и непоколебливо верен на словото.

„Подготвен со леснотија да се испроба и творечки да се покаже во најразновидни жанровски облици и експерименти со речиси рамномерен удел во сите нив, Урошевиќ остана витален и денес во неговите позни години. Неговото писмо има свој препознатлив печат и ако случајно не е посочен авторот на овие записи речиси со сигурност ќе го погодиме неговото име. Тој остана доследен и препознатлив и тоа не само во нашата литература, по креативниот спој на фантастиката и надреализмот што ги негува во своите бројни авторски записи, но и во неуморните читателски авантури проткаени со истражувачко љубопитство и траен афинитет кон овие две сродни полиња“, истакна Шелева.

По доделувањето на наградите, свои посланија и песни читаа претставници на Македонскиот П.Е.Н. Центар и Друштвото на писателите на Македонија, а се читаше и поезија од Ацо Шопов.

Паралелно со поетскиот настан што го организираа Македонскиот П.Е.Н. Центар и Друштвото на писателите на Македонија, во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција се одржува и целодневна програма во чест на Ацо Шопов каде се обратија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски.