Вицепремиерот Битиќи уште нема поднесено анкетен лист за имотната состојба – Антикорупциска потврдува дека рокот одамна е изминат


Уште еден поткаст! Fat Cacko: Од гитара до Fat kitchen bistro и најдобриот бургер во градот ↓↓↓


Фатмир Битиќи, актуелен вицепремиер за економски прашања, според податоците од Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, сè уште нема поднесено анкетен лист за својата имотна состојба и за тоа што поседуваат неговите најблиски, пренесува Фактор.

Од „Антикорупциска“ потврдуваат дека рокот, според Законот за спречување на корупција, е одамна поминат, а владиниот заменик-претседател, кој доаѓа од редовите на СДСМ, е на оваа функција откако Владата беше изгласана од Собранието на 30 август. Битиќи не поднел ниту изјава за интереси во која треба да наведе колку и какви бизниси евентуално поседува, дали и колку има свои блиски што се вработени во јавниот сектор, дали има судир на интереси и слично

„Од увидот во Електронската база во ДКСК и Деловодникот произлегува дека лицето Фатмир Битиќи нема поднесено анкетен лист и изјава за интереси“, потврдија од ДКСК за „Фактор“. Останува непознато дали некој го потсетил вицепремиерот кој е најодговорен за развојот на македонската економија дека е должен по закон да ги исполни овие обврски.

Во базата на податоци во Антикорупциска може да се провери дека сите останати новоименувани функционери во Владата веќе одамна ги поднеле новите анкетни листови, а исто така и замениците кои беа подоцна изгласани во Собранието.

„Избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки“, се вели во законот за спречување на корупција.

Битиќи пред два месеци за прв пат е избран како државен функционер, а претходно извршуваше само партиска функција во СДСМ како претседател на комисијата за финансии, а беше и советник за економија во премиерскиот кабинет на Зоран Заев.

Премиерот Заев за Битиќи рече дека во Владата доаѓа од бизнисот, како поранешен извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.