Управувачкиот комитет за кризи апелира: Воздржете се од патувања викендов


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Повеќе подготвителни превентивни мерки донесе вечерва Управувачкиот комитет за кризи, кој одржа седница во просториите на Центарот за управување со кризи, во врска со најавата од Управата за хидрометеоролошки работи за врнежи од снег и многу ниски временски температури на територијата на Република Македонија во наредните денови.

Во функција на превентива и на подобро подготвување за евентуално справување со ризици денеска се одржа седница на Управувачкиот комитет за справување со кризи во врска со информациите од страна на УХМР за потенцијална многу извесна многу веројатна ситуација, каде во текот на следните денови ќе дојде до појава на комбинација на два фактори односно многу ниски температури и појава на врнежи од снег на територијата на Република Македонија што може да создаде определени ризици кои се класифицирани како ризици во поглед на снабдувањето со електрична енергија, движењето односно сообраќајот, ризици по здравјето, водоснабдувањето, изјави портпаролот на Владата, Александар Георгиев по завршувањето на седницата.

Посочи дека биле разгледени сите овие околности, биле донесени определени заклучоци и препораки кои вечерва ќе бидат испратени до сите надлежни институции чија цел и основна задача е подобра подготовка во функција на справувањето со определени ризици кои може да се појават.

Во поглед на ризикот кој може да настане во врска со снабдувањето со електрична енергија, истакна, Управувачкиот комитет донесе заклучок со кој компанијата ЕВН треба да формира тимови кои ќе бидат со зголемена мобилност и зголемена оперативна подготвеност кои ќе треба да реагираат во случај на нарушување на системот за снабдување со електрична енергија.

Појасни дека тоа е процедура која постои и очекуваат да биде задоволена на највисоко ниво од страна на сите институции кои имаат ингеренции во рамки на снабдувањето со електрична енергија.

Она на што посебно се осврна внимание е ризикот кој може да се појави во врска со движењето, во врска со сообраќајот при што беа донесени неколку препораки. Тука централно место во функција на обезбедување на движење на сообраќај, на проодност на патиштата би требало да имаат ЈП Македонија пат, единиците на локална самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, рече Георгиев.

Нагласи дека заклучок од страна на Управувачкиот комитет е екипите на ЈП Македонија пат да бидат во постојана оператива, готовност за реакција на определени критични точки кои постојат на патиштата. Бил донесен заклучок доколку се појави потреба од забрана на движење на тешки транспортни возила на определени потези на патиштата, дека граѓаните и претпријатијата и транспортерите треба да бидат свесни дека може да дојде до забрана за движење на определени потези на патиштата од четврток до понеделник.

Би сакале да апелираме сите граѓани кои немаат особена потреба за патување во текот на викендот да не патуваат, оние транспортери кои може да ги одложат своите транспортни рути во текот на викендот да ги одложат доколку тоа не предизвкува економска штета за нив, а оние граѓани и транспортери кои ќе се решат да патуваат треба да поседуваат зимска опрема за сообраќај и за чистење на патиштата, пакети за прва помош и определено количество вода и храна, рече Георгиев.

Потенцира дека Управувачкиот комитет донел заклучоци со кои се наложува во текот на утрешниот ден сите општини во Република Македонија да ги формираат своите кризни штабови во рамките на кои ќе вклучат претставници од Центарот за управување со кризи, на Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи, да ги мобилизираат сите свои јавни комунални претпријатија, сите свои ресурси, капацитети кои би можеле да бидат од помош во справување со определени ризици кои би можеле да настанат.

Доколку проценат дека со искористувањето на ресурсите кои се во нивна сопственост не можат да се задоволат определени потреби и да се надминат определени предизвици своите потреби да ги пријават до органите на централната власт. Донесен е заклучок до МВР и Армијата на Република Македонија, припадниците на полицијата и на војската да бидат во состојба на зголемена готовност, додаде Георгиев.

Државниот советник за здравствена заштита при Министерството за здравство, Јованка Костовска рече дека ако температурите бидат до минус 20, 21, 22, 23 степени тоа е веќе портокалова фаза или фаза на студен бран.

Сега сме жолта или подготвителна фаза. Согласно Акцискиот план треба да се извести населението дека во овој период посебно од петок до недела, а можеби и понеделник без потреба да не излегуваат од дома со цел заштита на здравјето од студениот бран и од грипот, истакна Костовска.

Посочи дека ако граѓаните мора да излезат од дома треба да бидат соодветно топло облечени и да се престојува од време на време во топли простории. Таа рече дека постарите и хронично болните не треба да излегуваат од дома, а ако имаат потреба од терапија да се јават на патронажна служба, на Црвен крст, на Итна медицинска помош, за да им се обезбеди таа терапија.

Комисијата за студени бранови при Министерството за здравство утре ќе одржи состанок и ќе бидат известени сите здравствени установи да обезбедат доволно терапија во овој период, доволно кадар и сместувачки капацитети. Планирано е во овој период заедно со останатите институции да се посетат старите осамени лица, да се направи мапирање сега пред да почне студениот бран, да се види дали имаат потреба од храна, огрев, лекови и тоа да им се донесе, посочи Костовска.

Таа упати апел до граѓаните ако имаат потреба од медицинска или каква било друга помош и ако се најдат во неповолна ситуација дека може да се јават на телефонскиот број на ЦУК, 195 или да се јават на телефонскиот број на Црвениот крст 3139 578.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити рече дека веќе неколку денови наназад во нивниот домен на работа е грижата за бездомните лица. Потенцира дека поседуваат Центар за бездомни лица во Момин Поток.

Беше заклучено заедно со Министерството за труд и социјална политика да се зголемат овие капацитети за околу 50 легла. Се договоривме да се направат програми, план за згрижување на бездомните лица и надвор од Скопје односно во другите градови, рече Саити.

Нагласи дека Црвениот крст на Република Македонија ставил во фунцкија неколку свои тимови кои ќе патролираат низ градот Скопје да ги пронаоѓаат бездомните лица и заедно со министерствата да прават посета на осамени лица хронично болни.

На патните правци Скопје-Охрид и Скопје-Крива Паланка нашите тимови ќе бидат дежурни наредните денови. Се формирани прифатни пунктови односно центри во Кичево, Гостивар, Куманово и Крива Паланка евентуално ако дојде до застој во сообраќајот да излеземе во пресрет, додаде Саити.