Универзална декларација за човековите права – сите луѓе се раѓаат слободни


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Универзалната декларација за човекови права е акт усвоен од Генералното собрание на ОН на 10 декември 1948 година, во Париз. Денес, нејзиното историско значење претставува вовед и инспирација за одбележувањето на човековите права ширум светот.

Декларацијата е создадена во периодот по Втората светска војна  и означува прво глобално изразување на основните права на сите човечки суштества. Декларацијата се состои од 30 члена кои се вклучени во подоцнежни меѓународни договори, регионални инструменти за човекови права, национални устави и закони, а во неа се вградени Универзалната декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и неговите два факултативни протоколи.

Со донесувањето на Декларацијата, 10 декември се воспоставува како ден со кој ќе се одбележуваат човековите права на глобално ниво затоа што според Декларацијата: „Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права.“

Фундаменталните постулати на кои се заснова Универзалната декларација за човековите права укажуваат на фактот дека слободите и прaвата се дадени за сите, секаде во светот, во секое време и место. Пред гласањето на Декларацијата, Елеонор Рузвелт, која раководеше со Комисијата одговорна за пишувањето на Декларацијата, изјави:

„На прагот сме на голем настан и за Обединетите нации и за човештвото. Оваа Универзална декларација би можело да стане меѓународна Магна карта за сите луѓе во светот.“

Во Универзалната декларација се вели дека човековите права треба да бидат заштитени преку владеењето на правото, каде што е суштествено како да се унапредува развојот на пријателските односи меѓу народите, каде што последна опција е побуната против тиранијата и угнетувањето.

Сите човечки суштества, се нагласува во Декларацијата, се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права и секој има право на сите права и слободи. Секој има право на живот, слобода и лична безбедност и никој не смее да биде држен во ропство или потчинетост. Никој не смее да биде подложен на тортура, на суров, нехуман или понижувачки третман или казна и секој има право насекаде да биде признаен како личност пред законот.

Сите луѓе се еднакви пред законот и имаат право, без никаква дискриминација, на еднаква заштита со закон. Секој има право на ефикасни правни лекови пред надлежните национални судови за дела што ги кршат основните права што му припаѓаат според уставот или законот и секој има право во целосна еднаквост на правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски или при какво било кривично обвинение против него.

„Секој обвинет за кривично дело има право да се смета за невин сè додека неговата вина не се утврди во согласност со закон и на јавно судење, во кое тој ги има сите гаранции неопходни за неговата одбрана. Никој не смее да се смета за виновен за кое било кривично дело, ако тоа дело или пропуст не претставува кривично дело според националното или меѓународното право во време кога тоа било сторено. Не смее да се изрече казна поголема од онаа што се применувала во времето кога било сторено кривичното дело“, се вели во Декларацијата.

Меѓу другото, во Декларацијата се истакнува и дека секој има право на слобода на движење, право на државјанство, а мажите и жените кои се полнолетни, без никакви ограничувања врз основа на расата, националноста или религијата, имаат право да склучат брак и да основаат семејство.

Секој има право на сопственост, слобода на мисла, совест и религија, на мирно собирање и здружување, право на социјална сигурност, право на работа, право на еднаква плата и на еднаква работа. Секој има право на животен стандард соодветен за здравјето и благосостојбата негова и на неговото семејство. Секој има право на образование и секој има право слободно да учествува во културниот живот на заедницата.