Украина ја обвини Србија: Со летовите за Русија заработувате крвави пари


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Првиот заменик министер за надворешни работи на Украина, Емине Џепар упати осуда и обвинување кон Србија дека ја користи војната во Украина за профит, додека британскиот весник Гардијан пишува дека Србија за богатите Руси станала „капија“ за влез во Европа, јави дописникот на МИА од Белград.

Џепар на Твитер напиша дека авиокомпанијата Ер Србија го удвоила бројот на директни летови од Белград до Москва, откако земјите од ЕУ и некои други земји воведоа забрана за летови за руските авиони и ги прекинаа летовите за Русија.

– Србија е единствената земја во Европа која има отворено небо за Русија. Заработката на крв не е достојна за една земја кандидат за ЕУ, напиша Емине Џепар.

Весникот Гардијан пишува дека богатите Руси ја користат Србија за да на „мала врата бегаат“ во Европа заобиколувајќи ја забраната за летови на ЕУ до и од Русија.

– Ер Србија, што мнозински е во државна сопственост, го удвоила бројот на директни летови од Москва до Белград на 15 неделно за да одговори на зголемената побарувачка, откако ЕУ им забрани на руските авиони и авиокомпании да влезат во нејзиниот воздушен простор по инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина. Русија одговори со затворање на својот воздушен простор за авионите на ЕУ и на Велика Британија, пишива Гардијан.