УЈП со засилени контроли во пресрет на Суперкупот во Скопје


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во пресрет на Супер купот во Скопје, фестивалите за пиво и настаните од културата, УЈП најавува засилени контроли. Мониторингот на готовинскиот промет, според најавите на директорката Лукаревска, ќе биде заради превентивно делување и ефикасно собирање на даноците. Но, ќе има и казни за тие што не плаќаат данок.
УЈП евидентирала 325 високоризични хотели, ресторани, кафеани, барови и превозници кои не ги почитувале даночните прописи. Го прикривале реалниот промет, за да платат помал данок. Издавале компјутерски сметки печатени од обичен, нефискален принтер.
„Во изминатиот викенд, при спроведена контрола на фискализација, извршени се 195 контроли и во 32 случаи се утврдени неправилности во даночното работење. Недозволиво е реномирани деловни објекти, ресторани, барови во строгиот центар на Скопје, да го изигруваат законот“, изјави Лукаревска.
Обид за изигрување на законот има и со стари фискални сметки, кои беа во примена до 2015 година, пред воведување на GPRS фискализацијата. Даночните инспектори веќе повеле неколку постапки пред истражните органи, за кривично дело-даночно затајување. Управата побара соработка од граѓаните во откривање и пријавување на неплаќачите.
На крајот на првата половина од годинава прибрани се даночни приходи за 3,16 проценти помалку од предвиденото. Кај придонесите, наплатата е зголемена за три проценти. Лукаровска не кажа колку пари за поврат на ДДВ му должи на стопанството.
„Министерот за финансии пред извесно време на двапати врати поврат кај даночните обврзници, со тоа што го врати бизнисот во живот, зошто претходно имаше жалби дека не им се враќа повратот. Правиме максимални напори да фатиме континуитет на враќањето на ДДВ кај оние кои си го бараат“, вели Лукаревска.
Управата најави укинување на годишните извештаи за персоналец и воведување на електронска услуга преку која граѓаните и фирмите ќе можат тековно да вршат пријавување, пресметка и плаќање на персонален данок. Наместо да одат на шалтер, граѓаните по меил ќе добиваат пополнета пријава за персоналец, што само ќе треба да ја потврдат.