УЈП: ВМРО-ДПМНЕ должи на „Полиестердеј“ над 370.000 евра за претседателските избори


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Според објавите од страна на Управата за јавни приходи, опозициската ВМРО-ДПМНЕ должи 22.852.816 денари на компанијата „Полиестердеј” за претседателската кампања од април и мај годинава, покажала контролата на Управата за јавни приходи спроведена на фирмата во септември и октомври годинава.

Имено од наменската сметка за претседателските избори во април и мај годинава ВМРО-ДПМНЕ за печатење на 1,3 милиони парчиња рекламен материјал кон фирмата „Полиестердеј” требало да плати вкупно 34.362.612 денари, од кои преку седум фактури, партијата уплатила само дел од сумата, односно вкупно 11.509.796 денари. Остатокот од 22.852.816 денари останува долг поради што владејачката СДСМ, со оглед дека 90 дена по завршувањето на изборите изборната сметка треба да биде затворена, обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ го прекршиле Изборниот законик.

Согласно договорот, средствата требало да бидат исплатени во рок од 60 дена по испорака на материјалот, што значи дека исплатата требало да заврши до јули годинава.

Фирмата „Полиестердеј” бидејќи немала доволно маици 100.000 парчиња купила од македонската „Монт”, фирма ќерка на „Орка холдинг” и од шпанската фирма „Горфактори”.

Податоците споделени од УЈП покажуваат дека „Полиестердеј” во целост ја исплаќа нарачката кон шпанската фирма, а останува должна кон „Монт” во износ од 17 милиони денари, односно платиле само три милиони денари.
Од УЈП брифираат дека овие средства „Полиестердеј” согласно потпишаниот договор може да ги наплати спогодебено или во постапка преку надлежен суд.

По направената контрола УЈП го известиле МВР како надлежен орган за натамошни дополнителни истраги, а биле известени и Заводот за ревизија и Антикорупциска, велат од УЈП.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак, на прес-конференција посочи дека немаат дупка од 400.000 евра туку станува збор за обврска кон фирма која ќе ја подмират.

Исто така потенцираше дека тоа не е донација од Камчев туку станува збор за фирма која години наназад се занимава со печатење маици. Во однос на прекршувањето на Изборниот законик, тој не смета дека истиот е прекршен.
„Никаде не стои дали средствата на изборната сметка ако не се доволни тоа подразбира дека имаме каква било поинаква одговорност. Ставот 11 од овој член е прецизен и вели дека три месеци по изборите политичката партија е обврзана да ја затвори таа сметка така што понатаму обврските се преземаат од страна на правното лице, во случајот политичката партија”, рече Мицкоски.

Пред неколку дена полициски инспектори влегоа во „Полиестердеј” и во „Монт” да ги проверат нивните финансиски параметри.