Уапсена лидерката на курдската Демократска партија на народите


Викенд најава - Најинтересно во Серија А! ↓↓↓



Припадници на антитерористичката единица на турската полиција денеска во Анкара ја уапсија копретседателката на курдската Демократска партија на народите (ХДП), Ајсел Туглук, јави ДПА.

Туглук, кој беше ангажирана како адвокат на нејзините 12 претходно упасни сопартијци, била приведена во нејзиниот дом во Анкара.

Набрзо по апсењето на Туглук се огласи ХДП, која оцени дека нејзиното лишување од слобода е противзаконско. Анадолија јави дека Туглук е под истрага за дела поврзани со тероризам.

Покрај апсењето на 12 пратеници во турскиот Парламент од редовите на ХДП, на кои претходно им беше одземен пратеничкиот имунитет, турските власти ги разрешија од должност градоначалниците од оваа партија во 54 општини во југоисточна Турција, од кои некои беа и приведени.

Покрај избраните функционери, полицијата изминативе месеци упаси и илјадници други членови на ХДП, под сомнеж за поврзаност со тероризам и со бунтовничката Курдска работничка партија (ПКК).

Поради ваквите постапки, ХДП ги обвини властите за вршење на систематска дискриминација на припадниците на курдското малцинство.

Во меѓу време, турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека минатата недела полицијата привела на сослушување 1.682 лица поради сомнеж за „поврзаност со милитантни организации“. Од нив на 516 лица им е одредена мерката притвор.

Од вкупниот број приведени на распит, дури 1.096 се осомничени за поврзаност со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за воен преврат од јули годинава. Вкупно 508 лица се приведни поради сомнеж за поврзаност со ПКК, а 76 поради врски со џихадистичката група Исламска држава (ИД).