Траеше само 50 дена: Кронавирусот и данокот на стока од Србија и БиХ ја срушија косовската влада


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Косовскиот парламент изгласа недоверба на косовската Влада на чело со премиерот Албин Курти. Сега е неизвесно и нејасно како владата ќе ја продолжи работата, во време кога земјата се справува со ширењето на коронавирусот, пренесува Радио Слободна Европа.

По повеќе од 11 часа дискусија, косовското собрание гласаше против косовската влада, предводена од Албин Курти.

За недоверба гласаа 82 пратеника , 32-ца беа „против“, а еден беше воздржан.

Иницијативата за недоверба е поднесена од Демократскиот сојуз на Косово, кој беше коалициски партнер во Владата.

Се бараше разрешување на Владата за две прашања: неукинување на данокот на стока од Србија и БиХ што е поврзано наводно со уништување на односите со Соединетите држави, како и отстранување на Агим Велиу од функцијата министер за внатрешни работи по спорот околу тоа дали да се прогласи вонредна состојба за борба против коронавирусот.

Велиу ги поддржа повиците на косовскиот претседател Хaшим Тачи за вонредна состојба.

Курти ваквата мерка ја оцени како драстична и го отповика министерот Велиу по што следеше барање за недоверба на неговата влада.

Тој оцени дека причината за разрешувањето на владата е да се отстрани тој, бидејќи не дозволува косовскиот претседател Хашим Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ да разменат територии, како дел од конечниот договор меѓу Приштина и Белград.

Во 2018 година, Тачи и Вучиќ сигнализираа дека би можеле да се согласат за размена на земјиштето за решавање на територијалните прашања, но и двајцата се соочија со силно спротивставување на идејата и дома и во странство, пред се од САД и ЕУ.

Во ноември 2018 Косово воведе тарифи во за стоки од Србија и Босна и Херцеговина, велејќи дека ќе бидат укинати откако Србија го призна Косово.

Овој потег го запре дијалогот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и ги налути Европската унија и Соединетите држави, кои ја поддржаа декларацијата за независност на Косово во 2008 година, по војните што ја поделија поранешната Југославија.

Курти одлучи само делумно да ги отстрани тарифите, што ги натера Соединетите држави да ја запрат помошта од 50 милиони долари.

Останува нејасно како владата ќе ја продолжи работата, бидејќи земјата не може да одржи предвремени избори заради ширењето на коронавирусот.

Курти како в.д. премиер, веднаш откако Собранието му изгласа недоверба на неговиот кабинет, го разреши од должноста првиот потпретседател на Владата Авдулах Хоти.

Тој е член на раководството на Демократкиот сојуз на Косово, партијата на чија иницијатива доцна синоќа Собранието со мнозинство гласови му изгласа недоверба на Курти и неговата Влада.