„Светиот грал на енергијата е можен“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Тим од американски научници објавија историски значајни вести дека постигнале огромен успех во развојот на нуклеарна фузија, технологија што со децении се смета за потенцијален извор на речиси бесконечна енергија.

Истражувачите денеска потврдија дека надминале огромна бариера – во фузиски експеримент произвеле повеќе енергија од онаа што ја внеле во него, пренесува Би-би-си. Но експертите велат дека ќе помине извесно време додека фузиската енергија да влезе во домовите на луѓето.

Експериментот бил спроведен во Националната лабораторија Лоренс Ливермор (ЛНЛЛ) во Калифорнија.

Директорот на ЛНЛЛ, д-р Ким Будил, рече: „Ова е историско достигнување… во текот на изминатите 60 години илјадници луѓе придонесоа за овој потфат и беше потребна вистинска визија за да стигнеме до тука“.

Нуклеарната фузија долго време се опишува како „светиот грал“ на производството на енергија. Тоа е процесот што ги напојува Сонцето и другите ѕвезди. Работи на принцип на спојување на два светлосни атоми, при што се ослободува огромно количество енергија.

Фузијата е спротивна на нуклеарната фисија, во која енергијата се ослободува кога тешките атоми се разделуваат. Технологијата на фисија во моментов се користи во нуклеарните реактори, но процесот произведува и големо количество несакан нуклеарен отпад, кој зрачи со години по неговото производство. Нуклеарниот отпад произведен во реакторите за фисија може да биде опасен и треба да се складира многу внимателно на безбеден начин.

Нуклеарната фузија произведува многу повеќе енергија и многу мало количество радиоактивен отпад, чиј животен век е многу краток. Друга важна предност на фузијата во однос на фисијата е тоа што фузијата не произведува стакленички гасови и затоа не придонесува за климатските промени.

Но еден од главните предизвици во производство на енергија преку фузија е тоа што за „принудното спојување“ и задржувањето на елементите заедно се потребни исклучително висока температура и притисок. Досега, ниту еден експеримент со фузија не успеал да произведе повеќе енергија од онаа што била употребена за тој да успее.

Колку блиску е иднината напојувана со фузија?

Количеството енергија што тие ја создале во овој експеримент е мало – доволно за да зовриете неколку котлиња вода. Но она што ова го претставува е огромно.

Надежта за иднина со погон на фузија сега е чекор поблиску. Но има уште долг пат пред ова да стане реалност.

Овој експеримент покажува дека науката е успешна, вели Би-би-си. Пред научниците воопшто да размислуваат за одење на наредното ниво, ова треба да се повтори, да се усоврши и количеството енергија што ја генерира ќе треба значително да се зголеми.

Овој експеримент чинел милијарди долари – фузијата не е евтина. Но надежта за извор на чиста енергија секако ќе биде голем поттик за надминување на овие предизвици.

Експериментот во лабораторискиот објект во Калифорнија чинел околу 3,5 милијарди долари. Во него мало количество водород било ставено во капсула со големина на зрно црн пипер. Потоа со моќен ласер се загреало и компресирало водородното гориво.

Ласерот е толку силен што може да ја загрее капсулата до неверојатна температура од 100 милиони Целзиусови степени, што е значително повисока од температурата во центарот на Сонцето, и создава притисок за 100 милијарди пати поголем од тој во Земјината атмосфера. Под такви сили, самата капсула почнува да имплодира, со што атомите на водородот се спојуваат и ослободуваат енергија.

Најавувајќи го пробивот, д-р Марвин Адамс, заменик-управител за одбранбени програми во американската Национална управа за нуклеарна безбедност, рече дека ласерите на лабораторијата внеле 2,05 мегаџули енергија до целта, која потоа произвела 3,15 мегаџули фузиска енергија.

Д-р Мелани Виндриџ, извршна директорка на Фјужн енерџи инсајтс, изјави за Би-би-си: „Фузијата е исклучително возбудлива за научниците уште откако првпат открија што е причината за сјаењето на Сонцето. Резултатите објавени денес навистина би можеле да нè доведат кон комерцијализирање на оваа технологија“.

Џереми Читенден, професор по физика на плазма и кодиректор на Центарот за студии за инерцијална фузија на Кралскиот колеџ во Лондон, го нарече ова „вистински пробив“.

„Тоа докажува дека долго бараната цел, ‘светиот грал’ на фузијата, навистина може да се постигне“, рече тој.

Физичарите низ целиот свет го делат ова чувство и ја фалат работата на меѓународната научна заедница.

Џанлука Грегори, професор по физика на Универзитетот во Оксфорд, рече: „Денешниот успех се заснова на работата на многу научници во САД, Британија и целиот свет. Сега кога ова е постигнато, не само што е отклучена фузијата, туку и се отвора вратата кон нова наука“.

На прашањето колку време ќе помине пред фузијата да почне да се користи во електраните, д-р Будил, директорот на ЛЛНЛ, рече дека сè уште има значителни пречки, но дека: „со заеднички напори и инвестиции, неколкудецениско истражување на главните технологии може да нè стави во позиција да изградиме електрана“.

Ова е напредок во однос на она што научниците последниве 50-60 години можеле да го кажат како одговор на тоа прашање.

Една од главните пречки е намалување на трошоците и зголемување на количеството произведена енергија.

Во експериментот била произведена доволно енергија само за да се зовријат 10-15 котлиња вода, а биле инвестирани милијарди долари. И иако во експериментот била произведена повеќе енергија отколку што потрошил ласерот, ова не ја вклучува енергијата потребна за работата на ласерите, која е многу поголема од количеството енергија што ја произвел водородот, вели Би-би-си.