Судскиот совет се поднови со ганц ново BMW од над 40.000 евра


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


На заминување од претеседателската функција на Републичкиот Судски совет, Зоран Караџовски потпишал набавка на ново BMW возило вредно над 40.000 евра. Според договорите склучени во петокот, на кои стои потписот на Караџовски, покрај BMW Советот набавил уште едно возило „Опел Астра“ вредно 16.000 евра.

За двете возила Судскиот совет ќе потроши вкупно 57.000 евра. Интересно е што Караџовски е и прв човек на Судскиот буџетски совет, односно со негов потпис се одобрени и парите за набавката на возилата. Најмногу пари или по околу 57.000 евра одобрил, покрај за Судскиот совет каде што е претседател, и за набавката на возила за неговиот колега од Врховниот суд, Јово Вангеловски, пренесува Телевизија 24.

Караџовски за ТВ 24 вели дека BMW автомобилот не е луксузен автомобил, туку потреба.

„Не сметам дека е луксузно возило воопшто, тоа е едно репрезентативно возило кое нема да се вози често. Благодарни сме на Владата и на Министерот за финансии што за прв пат во историјата на судовите одобрија средства за возила, и за прв пат е освежен возниот парк на судовите“- изјави Зоран Караџовски, Претседател на Судскиот совет.

Караџовски вели дека сепак тој нема да се вози во новото BMW, туку неговиот наследник.

„Мојот мандат истекува за еден месец, тука сум до крајот на април. Нема јас да влезам во тоа возило. Со одлуката на Судскиот буџетски совет за Судскиот совет и за Врховниот суд е предвидено едното возило да биде со повисока цена. Набавките во сите судови веќе се реализираат“ – вели Зоран Караџовски, Претседател на Судскиот совет.

Потписот на договорот за возилата Караџовски го ставил во петокот, после еден ден откако беше повикан да даде исказ во Јавното обвинителство. Обвинителството по допрен глас од медиумите отвори предмет за зголемувањето на платите на неговите колеги во Судскиот Совет во просек за 21.000 денари преку додатоците на плата од 35 проценти. Одлука која исто Караџовски ја одобрил и како претседател на Судскиот буџетски совет. Набавката на возилата, пак, во другите судови веќе е во тек. А Врховниот суд набави „Опел Астра“ за 16.000 евра, но, договорот и марката на поскапото возило од 40.000 евра кое се бара со огласот, се уште не е објавен.