Стотици светски експерти и влијателни лица бараат паузирање во истражувањето на вештачката интелигенција


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Стотици светски експерти, меѓу кои и Илон Маск, го потпишаа апелот во кој се бара шестмесечна пауза во истражувањето на вештачката интелигенција, укажувајќи на „големи ризици за човештвото“.

Апелот се однесува на технологијата помоќна од ЧетГПТ четири, моделот на отворена вештачка интелигенција пуштен кон средината на март.

Во петицијата објавена на сајтот Фјучтофлајф тие бараат мораториум во истражувањата додека не се воспостави систем за безбедност, вклучувајќи и специјални регулаторни тела за надзор на системите на вештачка интелигенција и техники кои ќе помогнат да се разликува реалното од вештачкото, како и институции способни да управуваат со „драматичните економски и политички нарушувања (особено за демократијата) кои ќе ги предизвика вештачката интелигенција“.

Петицијата обединува личности кои веќе јавно изразиле стравувања кон неконтролираната вештачка интелигенција која би ги надминала човечките суштества, а меѓу нив покрај Илон Маск, сопственикот на Твитер и основачот на Спејсекс и Тесла, се коосновачот на Епл Стив Вознијак, член на лабораторијата за вештачка интелигенција на Гугл Дипмајнд, шефот на компанијата Стабилити АИ Емад Мостак – конкрент на компанијата Опен АИ, како и експерти за вештачка интелигенција на американските универзитети, инженери на Мајкрософт и други.

Сем Алтман, извршниот директор на компанијата Опен АИ, која го создаде ЧетГПТ, кажа дека е „малку застрашен“ од својата творба доколку би била употребена за дезинформации од големи размери или сајбер напади.

„На компанијата ѝ треба време да се прилагоди“, кажа тој кон средината на март за Еј-би-си њуз.

„Во последните месеци видовме како лаборатории за вештачка интелигенција се затвораат во неконтролираната трка да развијат и применат што помоќен дигитален мозок кој никој, дури ни неговите креатори, не можат да го разберат, предвидат или контролираат на безбеден начин“, се наведува во петицијата.

Авторите на петицијата се прашуваат дали треба да остават машините „да ги преплават нашите канали на информации со пропаганда и лаги“, дали треба да се автоматизираат сите работни места, да се развиваат умови кои не се човечки, кои еден ден би можеле да бидат побројни, поинтелигентни и да ги заменат луѓето.

„Дали треба да ризикуваме губење контрола над нашата цивилизација?“, се прашуваат тие, наведувајќи дека одлуките за тоа не треба да ги носат шефовите на технолошките фирми.