Столтенберг потврди: НАТО ќе ѝ даде воена опрема на Украина, но нема да влезе во воен конфликт со Русија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По одржувањето на денешниот вонреден самит на НАТО, генералниот секретар Јенс Столтенберг потврди дека Алијансата ќе ја поддржи Украина со воена опрема. Сепак додаде дека војната не смее да ескалира во судир НАТО-Русија, но Украина има право на самоодбрана.

„Сојузниците ќе ја опремат Украина со значајна воена поддршка, како што се противтенковски оружја, одбранбени системи и дронови, кои се високо прецизни. Заедно со финансиска и хуманитарна помош….“, рече Столтенберг.

Обраќање имаше и украинскиот претседател, Володимир Зеленски, кој во пресрет на Самитот на НАТО, на ЕУ и состанокот на Г7 земјите денеска во Брисел, кажа дека Москва силно лобира и сега ќе се знае дали некој од сојузниците ја предал Украина поради пари.

„Не сакам да бидам погрешно разбран во однос на НАТО. Вие не ја водите војната и ваши ракети и бомби не ги руинираат нашите места. Но, денеска Русите употребија и забранети фосфорни бомби. Луѓе умираат, деца умираат… Јас само сакам да знаете дека Алијансата може да го запре убивањето на Украинците од руските напади. Испратете ни средства и оружја што ни се потребни“, рече Зеленски.

Еден од најгласните поддржувачи на Киев, британскиот премиер Борис Џонсон посочи да продолжат економските санкции против Москва.

„Владимир Путин веќе ја премина црвената линија кон варварство. Сега останува на НАТО заедно да ја разгледа ужасната криза во Украина, ужасното страдање на народот и да видиме што повеќе можеме да направиме за да му помогнеме на народот на Украина да се заштити…“, рече Џонсон.

На списокот на Џонсон се најдоа и роднини на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој пак од Москва ги обвини западните земји за „русофобија“.

„Подготвени сме Западот да тргне по патот на русофобијата. На Западот не му се допаѓа кога киевскиот режим, кого Западот го негуваше и вооружуваше против Русија, кого го постави на патот на неонацистичката идеологија и практика сите овие изминати години, сега треба да одговара за своите злосторства“, рече Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.

На самитите и состаноците во Брисел присуствува и американскиот претседател Џо Бајден, а од Белата куќа информираа дека тој подготвил нов пакет санкции, но бара и доследно спроведување на веќе воведените. Сепак, како што пишуваат американските медиуми, прашањето за нови санкции би зависело од подготвеноста на европските партнери да се откажат од рускиот гас.