И Јосифовиќ потврди: „Сирах Инженеринг“ беше формирана за потребите на Груевски за недвижнини

Откако Ристо Новачевски, кумот на избеганиот бивш премиер на Македонија, Никола Груевски, сведочеше дека експремиерот е вистински сопственик на плацевите што си ги купи на Водно од парите за членарина што ги уплаќале членовите на ВМРО-ДПМНЕ, одбрана на денешното судење за „Плацеви на Водно“ дава четвртообвинетиот Ненад Јосифовиќ, пренесува СакамДаКажам.

Тој е адвокат и сопственик на „Сирах лимитед“ од Белизе, која формира фирма ќерка во Скопје „Сирах инженеринг“, каде Груевски за управител го поставил кумот Новачевски.

Како дојде до тоа Сирах лимитед да ја дадете на лицето Александар Ивановски, праша неговата адвокатка.

„Во 2012 година ме праша дали имам странска компанија за потребите на Никола Груевски, за градежништво“, одговори тој.

Како му одговоривте вие, потпраша адвокатката.

„Да, имам слободна компанија, Сирах лимитед“, рече Јосифовиќ.

На кој начин му ја отстапивте Сирах лимитед, праша адвокатката.

„Ја однесов документацијата во адвокатската канцеларија Марков и Чупиќ, му ја дадов на Александар Ивановски, со можност да ја предаде потоа и на други лица. Во тој момент немаше никаква деловна активност фирмата“, сведочеше Јосифовиќ.

Знаевте зошто му треба на Никола Груевски, праша адвокатката.

„За градежништво и недвижности. Од моментот на отстапување на фирмата, не сум презел никакви активности“, рече Јосифовиќ.

Кој ги презеде активности те околу регистрирање на фирмата овде во Скопје, беше следното прашање на адвокатката.

„Дознав од сведочењето во претходните рочишта и од денешната одбрана на Ристо Новачевски“, одговори Јосифовиќ.

Од кого добивте инфо дека на Лимитед ќе стигнат средства за основачки влог во фирмата во Македонија, праша адвокатката.

„Од Ивановски, Алек Теранова. Првпат дознав дека е формирана по објавувањето на бомбите. Одма го известив Јордан Камчев за тоа. Тој ми кажа дека ќе се сретне со Новачевски и дека ќе го купи уделот во компанијата. Требаше да се обезбеди полномошно за Ристо и документ за моменталната состојба на фирмата. Во јули 2015 година Орка холдинг ја купи. Денеска фирмата е затворена, по мој налог“, сведочеше Јосифовиќ.

Во вкрстено прашање, потоа Јосифовиќ потврдно одговори дека само тој ја имал лозинката од сметката во Кипар на Сирах лимитед и само тој имал пристап до сметката. Потврди дека по налог на Алек Теранова, лично пристапил до сметката и лично дал налог парите да легнат на Сирах инженеринг, како основачки влог во фирмата во Скопје.

Точно ли е дека во 2015 повторно пристапивте кон сметката, не по налог на Александар Ивановски, праша обвинителката Стефанова.

„Да“, одговори тој.

Потоа потврди дека по негов налог биле уплатувани средства на ГГ Груп.

Освен Александар, кој друг ви се јави во 2012 година да му ја предадете Сирах лимитед на Александар Ивановски, праша Стефанова.

„Ми се јави Сашо Мијалков“, кажа Јосифовиќ.

Да ги однесете документите во канцеларијата на Чупиќ и Марков ви рече, праша Стефанова.

„Не ми текнува баш, знам со Александар Ивановски дека тоа го договарав“, кажа Јосифовиќ.

Во канцеларијата ги однесовте документите без присуство на Ивановски, праша Стефанова.

„Да“, одговори тој.

Точно ли е дека од Ивановски ви беше посочено кога да ги исплатите/пуштите средствста и за која намена, праша обвинителката.

„Основот беше зголемување на главнината во Сирах инженеринг“, одговори Јосифовиќ.

Овој судски процес е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.

Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.