Според УНХЦР досега над 2 милиони Украинци ја напуштиле Украина

Спроед статистичките податоци со кои располагаат Обединетите нации, бројот на луѓе кои досега избегале од Украина надмина два милиони, што претставува најбрзиот егзодус што го видела Европа од Втората светска војна, јавува „Асошиејтед прес“.

Информацијата ја соопшти Високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди на Твитер.

Информацијата доаѓа во време кога конечно започна нов обид за евакуација на цивилите по безбедни коридори. Патот надвор од источниот град Суми беше еден од петте ветени рути на Русија дека ќе им понудат на цивилите начин да избегаат од рускиот напад.

Високата комесарка на ОН за човекови права, Мишел Башелет прави напори за да им се дозволи на сите цивили заробени во борбите во Украина безбедно да си заминат.

Башелет, исто така, му соопшти на Советот за човекови права на ОН дека нејзината канцеларија добила извештаи за про-украински активисти кои биле произволно притворени во областите на источна Украина кои неодамна биле „под контрола на вооружени групи“. Таа рече дека има и извештаи за тепање луѓе кои се сметаат за про-руски настроени во областите контролирани од владата.

Според порталот за оперативни податоци на УНХЦР, од Украина досега избегале над 2 милиони и 11 илјади луѓе. Најголемиот дел од нив избегале во Полска, или 1.2 милиони, над 190 илјади во Унгарија, 140 илјади во Словачка, како и над 210 илјади во други европски земји. Исто така, речиси 100 илјади луѓе избегале во Русија.

Генералната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел и високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди вчера апелираа дека мора да се заштитат непридружуваните и разделени деца кои бегаат од конфликтот во Украина.

Тие ги повикаа сите соседни и погодени држави да осигураат итна идентификација и регистрација на непридружуваните и разделени деца, откако ќе им се дозволи пристап до територијата.