Според СЗО кинеската политика против Ковид-19 со нулта стапка на инфекција е неодржлива


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Првиот човек на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебрејесус, изјави дека политиката на Кина, за постигнување нулта стапка на инфекција во сузбивање на пандемијата од Ковид-19, е неодржлива.

– Кога зборуваме за стратегијата за Ковид-19 со нулта стапка, не сметаме дека тоа е одржливо, појасни тој пред новинарите во Женева.

Однесувањето на вирусот сега и предвиденото како ќе се одвива во иднина, бараат поинаква стратегија, смета тој.

– Треба да се прилагодиме на околностите, додаде директорот на СЗО за вонредни состојби, Мајкл Рајан.

Официјално, Кина има многу мал број починати со Ковид-19, во однос на бројните жители.

Рајан истакна дека, по растот на бројот на починати од февруари и март, логично е Владата да реагира.

– Но, сите овие дејствија, како што повторуваме од почетокот, мора да се донесат со почитување на поединци и на човечките права, тврди Рајан.

Кон крајот на минатата недела, Кина повторно соопшти дека продолжува да ја спроведува стратегијата за нулта стапка на Ковид-19, и покрај растечката фрустрација во Шангај, каде жителите се затворени со недели.

Според кинеските власти, Кинезите живееле речиси нормално од 2020 година и го ограничиле бројот на починати на помалку од 5.000 лица.

Но, варијантата омикрон, го променила трендот.

Доктор Рајан повика да се применува „динамична, прилагодлива и еластична политика”, затоа што неприлагодливоста може да „предизвика многу штета”.

Марија Ван Керхов, задолжена за надзор на борбата против Ковид во рамките на СЗО, инсистира дека денеска е невозможно да се запре секој пренос на вирусот.

– Наша цел на светско ниво, не е да се забележи секој случај и да се запре секоја трансмисија. Тоа навистина не е можно сега, подвлече таа.