Според проценките на САД од почетокот на војната во Украина има над 200.000 жртви на двете завојувани страни


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Украинските сили успеаја да ги одбијат новите руски напади во источниот регион Доњецк, соопшти денеска Генералштабот на украинските вооружени сили, додека Москва продолжува со офанзивата во насоките Бахмут и Авдијевка, пренесува Слободна Европа.

Жестоките борби на истокот дојдоа откако вчера рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу нареди повлекување од западниот брег на реката Дњепар во делумно окупираната област Херсон во Украина, во најновиот очигледен неуспех за Москва на бојното поле во југоисточниот дел на Украина.

Руските сили извршија ракетни воздушни напади во повеќе од 30 населени места во регионите Доњецк, Луганск, Дњепропетровск, Запорожје, Миколаев, Суми и Керсон, соопштија од Генералштабот.

Оттаму појаснуваат дека успешно се одбиени и руските напади во Луганск, кои заедно со Доњецк го сочинуваат источно-украинскиот регион Донбас.

Американскиот генерал Марк Мили, претседател на Здружениот Генералштаб вчера изјави дека околу 100.000 руски и 100.000 украински војници биле убиени или ранети во војната, што е највисока проценка што додега ја има дадено некој западен официјален претставник.

Мили кој говореше на настан во Њујорк, исто така посочи дека околу 40.000 цивили загинале откако се нашле во зоната на конфликтот. Овие проценки не можеа да бидат независно потврдени. Истовремено и Киев и Москва не го кажуваат бројот на жртвите.

Последните податоци од страна на Русија, објавени во септември се дека 5.937 војници биле убиени од почетокот на конфликтот кој започна пред скоро девет месеци.

„Имаше огромна количина на страдање, човечко страдање“, рече Мили, додавајќи дека конфликтот создаде меѓу 15 и 30 милиони бегалци.

ОН забележаа 7,8 милиони луѓе како бегалци од Украина низ Европа, вклучително и Русија. Сепак, бројката не ги вклучува оние кои биле принудени да ги напуштат своите домови, но останале во Украина, односно, се внатрешно расселени.

Осврнувајќи се на наредбата на Шојгу за повлекување од Херсон, Мили рече дека првичните показатели сугерираат дека Русија го спроведува своето повлекување, но тој предупреди дека може да биде потребно време за да се заврши.

Многу воени аналитичари Херсон го сметаат за најважен од четирите делумно окупирани украински региони кои Русија ги објави како анектирани во септември. Преку него се контролира и единствениот копнен пат до Украина, полуостровот Крим, анектиран од Русија, и устието на реката Дњепар што ја преполовува Украина.

„Тие објавија во јавноста дека го прават тоа. Верувам дека тоа го прават со цел да ја зачуваат својата сила за повторно воспоставување одбранбени линии јужно од реката [Дњепар], но тоа останува да се види“, анализираше Мили.

Неговите проценки покажуваат дека на руските сили ќе им биде потребно подолго време за повлекување, како и дека Русија најверојатно има 20.000 до 30.000 војници северно од реката Дњепар во таа област.

„Нема да им требаат ден или два, ќе им требаат денови, а можеби дури и недели за да ги повлечат силите јужно од таа река“, истакна Мили.

Инаку Шојгу вчера, на состанокот со командантот на руските трупи во Украина, армискиот генерал Сергеј Суровикин, рече дека повлекувањето мора да се спроведе што побрзо.

„Животите на рускиот воен персонал се секогаш приоритет за нас. Ние, исто така, мора да ги земеме предвид заканите наметнати врз цивилното население и да се погрижиме сите цивили кои избраа да заминат да можат да го сторат тоа. Исто така, треба да започнеме со повлекување на војниците и да ги превземеме сите неопходни мерки за да се обезбеди преместување на воениот персонал, оружје и опрема на другата страна на Днепар“, изјави Шојгу.